„Вие сте целосно во право, беше предолго извршувањето. Тоа е јасно. Но продолжуваме да работиме на ова и се надевам дека ќе имаме позитивен резултат многу бргу“, вели генералниот секретар на Советот на Европа

Генералниот секретар на Советот на Европа, Ален Берсе, за време на денешната посета на Скопје рече дека активно работат на спроведување на пресудите на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) донесени против Бугарија. На заедничката прес-конференција со шефот на македонската дипломатија, Тимчо Муцунски, Берсе рече дека овој процес трае предолго.
Берсе рече дека улогата на Советот на Европа не завршува со донесувањето на пресудите, туку е и во нивната имплементација. Тој најави дека Комитетот на министри ќе го разгледа ова прашање со цел спроведувањето на одлуките да стане реалност.
Рече и дека стабилноста на процесот е исто така важна затоа што мора да биде повеќе од само симболично решение.
„Вие сте целосно во право, беше предолго извршувањето. Тоа е јасно. Но продолжуваме да работиме на ова и се надевам дека ќе имаме позитивен резултат многу бргу“,
додаде Берсе.
Во однос на десетгодишната забрана за влез во Бугарија на адвокатот Тони Менкиноски, кој ги застапува Македонците во Бугарија, Берсе не коментираше конкретни случаи, но рече дека заштитата на адвокатите е од суштинско значење во едно општество.
„Советот на Европа разработи специјална Конвенција за заштита на адвокатите од непријателски дејствија, не знам дека и Северна Македонија ја има потпишано таа Конвенција, не се спроведува се уште бидејќи е во фаза на разработка, но и Комисијата за човекови права, ќе може да ја заврши својата работа и во овој случај да ја процени ситуацијата“,
рече Берсе.
Министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, потенцираше дека Македонија е земја која доследно ги применува пресудите на Судот во Стразбур, иако тоа понекогаш не е лесно.
„Европската конвенција и пресудите на судот, покрај имплементација на заеднички простор на водење на правото, се и морален компас за земјите членки. И колку и тоа да не е лесно, обврска на земјите-членки е тоа да го прават. Во однос на конкретните предмети, државата, иако не е странка во постапките, за жал тоа е нешто од минатото што не можеме сега да го поправиме, сепак сме земја членка на Советот на Европа и ние нашите перспективи во однос на тоа прашање ги даваме во рамките на Комитетот на министри како земја членка на Советот на Европа и очекуваме дека сите земји членки ќе си ги преземат своите обврски во согласност со Конвенцијата“,
рече Муцунски.
