„Мислам дека по завршувањето на уставните измени веќе никој, а особено Бугарија, нема да има кредибилитет да прави блокада бидејќи навистина доволно беа блокади. Не знам што рекол Османи, јас ви кажувам што сме разговарале досега многу пати. Нашите односи со Бугарија се цврсто забележани и напишани во преговарачката рамка и во сите билатерални документи што ги имаме со нив’, вели Маричиќ
Во однос на уставните измени и дали постои можност да се испушти рокот, кој е крајот на ноември, Маричиќ истакна дека процедурата е почната, а гласањето ќе се случи во оној момент кога ќе постојат добри шанси за 80 гласа

Сите наши обврски врзани со Бугарија се напишани на хартија и се вградени или во преговарачката рамка или во заклучоците кои ги имаме од Советот на ЕУ од минатата година, вели вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ кој не очекува дека по уставните измени ќе има нови блокади од Бугарија.
Според него, она што може да се очекува е предвидливо.
„Прво знаеме дека по завршувањето на уставните измени автоматски треба да се свика втората меѓувладина конференција и тоа имаме цврсто уверување, и од шпанското претседателство и од наредните, дека доколку се случат уставните измени веднаш ќе биде свикана нова меѓувладина конференција. Секако секоја држава членка во текот на преговорите може повеќе пати да го отвори ова прашање. Но, мислам дека по завршувањето на уставните измени веќе никој, а особено не Бугарија нема да има кредибилитет да прави блокада бидејќи навистина доволно беа блокади. Не знам што рекол Османи, јас ви кажувам што сме разговарале досега многу пати. Нашите односи со Бугарија се цврсто забележани и напишани во преговарачката рамка и во сите билатерални документи што ги имаме со нив“,
изјави денеска Маричиќ одговарајќи на новинарско прашање да даде коментар за изјавата на министерот за надворешни работи Бујар Османи, кој за германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (ФАЦ) истакна дека е сигурен оти Бугарија постојано ќе формулира нови барања.
Прашан дали има сознанија за тоа каква е бугарската реакција на барањето во француско-германскиот предлог за укинување на тргнување на ветото во процесот, вели дека засега нема официјална реакција.
„Нема официјална реакција, но сигурен сум дека кога ќе дојдат тие теми да се дискутираат ќе има држави, не само Бугарија и други коишто ќе имаат забелешка на тој начин на менување на принципот, на едногласност во делот на проширувањето. Но, тоа е борба што ние не треба да ја биеме, тоа е битка внатре во ЕУ. Ние треба да се погрижиме во моментот кога ќе дојде времето да се носи одлука за наше членство во ЕУ никој да нема против. Тоа ни е многу важно“,
нагласи Маричиќ.
На прашањето во однос на забелешките во извештајот на Европската комисија против расизмот и нетолеранцијата (ЕКРИ), кои во еден дел се однесуваат на правата на граѓани на Северна Македонија кои се самоидентификуваат како Бугари, Маричиќ вели дека ЕКРИ е тело на Советот на Европа и оти Европската комисија сè уште не објавила извештај.
„Ние го имаме скрининг извештајот, кој е усвоен од земјите-членки и очекуваме да добиеме покана за споделување, односно доставување на тие патокази. Ние не чекаме тоа да се случи, паралелно работиме на изготвување на тие патокази, имавме два круга консултации со институциите и два круга консултации со граѓанските организации. Кога ќе добиеме формална официјална покана за доставување на патоказите ќе имаме формални консултации со граѓанските организации, а планираме и најмалку една сесија во Собранието, секако зависно како ќе одлучи Собранието да ја изврши консултацијата, дали преку Националниот совет за европски интеграции или преку Комисијата за европски прашања или на заедничка седница, оставаме простор предлог да дадат собраниските тела и Собранието. Имаме и експертски тимови, во МНР еден работи на Акцискиот план, другите се водени во СЕП“,
додаде Маричиќ.
За тоа дали е можно тие да бидат внесени во Акцискиот план, Маричиќ нагласи дека досега немало такви разговори со Бугарија.
„Не можеме да знаеме бидејќи до сега немало такви разговори со Бугарија. Јас мислам дека сите извештаи, и оние кои ни одат во прилог и останатите, треба да бидат разгледани. Мислам дека има премногу факти и во однос на законската рамка и во однос на институционалната пракса да докажеме дека системска дискриминација не постои против никого во Северна Македонија. Ние сме отворени за подобрување на утврдување на статусот на било која заедница кај нас бидејќи се се тоа наши граѓани, но во никој случај не се согласуваме со тоа дека постои системска дискриминација само кон една етничка група“,
рече Маричиќ.
Во однос на уставните измени и дали постои можност да се испушти рокот, кој е крајот на ноември, тој истакна дека процедурата е почната, а гласањето ќе се случи во оној момент кога ќе постојат шанси за 80 гласа.
„Претходно нема зошто да го отвораме. Ние, како што кажа и премиерот неколку пати разговараме со сите пратеници, спремни сме и сметаме дека има уште време за да се донесат вистинските одлуки. Секако помалку време има со секој изминат ден, но имаме доволно време сите обврски да ги завршиме до крајот на оваа година. Работиме паралелно на сите процеси, и на патоказите и на Акцискиот план и на уставните измени“,
рече Маричиќ.
Во однос на тоа дали ќе има посебни консултации со опозицијата за патоказите, Маричиќ изјави дека и досега биле отворени за понуди и тој имал средби во минатото со претставниците на опозицијата во Собранието, врзано за овие прашања.
„Планираме веднаш откако официјално ќе ја добиеме поканата од Советот на министри на ЕУ да доставиме писмо до претседателите на двете тела, кои се занимаваат со евроинтеграциите, тоа е Националниот совет за евроинтеграциите, каде претседател е пратеникот Александар Николоски од ВМРО-ДПМНЕ и Комисијата за европски прашања, каде претседател е пратеникот на ДУИ, Арбер Адеми. Секако и со претседателот на Собранието ќе поразговараме, кој е најдобриот начин, како да се вклучи опозицијата во давање мислење за овие патокази“,
рече Маричиќ.
Според Маричиќ тоа е сериозен процес кој не трпи партиско-политички препукувања, кој треба да ја убрза државата за сите обврски во наредните седум години.
„Мислам дека е добра можност да покажеме зрелост сите политички партии во собранието и сметаме дека собранието е најсоодветното место за тоа. Верувам дека опозицијата ќе смогне сили да покаже минимум конструктивност и да покаже на дело дека навистина, како што тврди е за членство во ЕУ“,
додаде Маричиќ.
