Родителите на апелацискиот судија Ѓоко Ристов – Донка и Здравко – на денешното рочиште беа прашани како го објаснуваат моментот што при форензичкото вештачење не биле најдени нивни ДНК-траги, но е најдена ДНК од Ѓоко Ристов на фолиите во кои ги чувале парите во дупката од ѕидот. На ова прашање и двајцата одговорија дека не веруваат оти се најдени траги од нивниот син на фолиите
Парите беа лично мои, ги собирав откако ја направивме куќата во 1975 година и ги чував за стари години. Ова во своето сведочење го кажа Донка Ристова, мајката на апелацискиот судија Ѓоко Ристов на денешното рочиште од судскиот процес што се води против него за прикривање имот и перење пари. Станува збор за 350 000 евра што беа пронајдени во ѕидот од кујната при претрес на семејниот дом на неговите родители во Неготино.

Ристова беше директно испрашувана од бранителот на обвинетиот судија, адвокатот Ѕвонко Давидовиќ. На прашања за претресите, рече дека биле вршени во два наврати, на 29 декември и на 18 и 19 јануари 2026 година. Кажа оти не била присутна во куќата при претресите. Првиот пат била во болница на операција, а во јануари се наоѓала на бања. При претресот на 29 декември, рече, не било најдено ништо од истражните органи. За претресите во јануари рече:
„Јас не можев да дојдам, помалиот син Ангел дојде од Скопје и го однесе во куќата во Неготино. Се правеше два дена претрес. Првиот ден работеле, барале, но немало ништо и закажале за утредента пак. Тогаш повторно правеле претрес и го нашле моето место каде што си ги чував парите. Тоа беше горе, во горната ниша позади работна маса, фрижидер. Плочката беше залепена само на четири места само за да не падне и јас си најдов згодно место, не од лани, од 1975 година. Што ќе ми останеше париче, плочката како што беше одвоена, се отвораше како прозорче, и во фолиички си ги ставав паричките во дупките на циглите“.
Кажа дека таму имало 350 000 евра, од кои, како што кажа, 250 000 евра во апоени од 50 евра, а останатите 100 000 во апоени од 500 и од 200 евра.
„Тие ми беа гаранција за стари години, за тешки денови“,
рече таа.

Рече дека парите ги печалеле заедно со сопругот во изминатите 57 години, колку што се во брак, од продажба на земјоделски производи. Кажа и дека никој не знаел за тие пари, освен сопругот. Посочи дека ги виткала во фолии и ги пикала меѓу циглите во ѕидот зад плочката. Рече и дека не броела во која фолија колку има.
„Од секаде каде што ќе продадам роба, ние сме земјоделска куќа, бостан, диња, пипер. Сум одела во Горни Милановац, каде сè не сум одела. Ќе ги замотав во бела хартија, во најлонче, и ќе ги пикнев“,
рече Ристова.
Пршана од каде биле набавувани еврата, рече парите прво биле во германски марки, а потоа сменети во евра.
„За не бидат во помали апоени од 50 евра, со мажот ги претворавме во поголеми апоени за да не зафаќаат место“,
рече мајката на Ристов.
Последен пат рече дека таму ставила пари во 2023-2024 година, откако почнала има здравствени проблеми. Повтори дека парите се лично нејзини и на сопругот Здраве и дека за нив не знаеле нивните синови. Прашана зошто не ги ставале во банка, таа рече дека не им верувале на банките. Со парите планирале да обезбедат сместување во старечки дом каде, како што кажа, барале по 100 000 евра за кревет. На прашањето дека биле најдени и некакви ливчиња кај парите, таа рече дека на нив запишувала колку пари имало, за да знае. Прашана дали водела тетратка за парите, Донка Ристова кажа дека сè што се произведувало и се продавало, имало во тетратката. Прашана дали Ѓоко Ристов им дал пари кои ги ставила во ѕидот, неговата мајка рече – никогаш.
По неа сведочеше и нејзиниот сопруг, Здравко Ристов. Тој ги опиша претресите и исто така тврдеше дека парите биле негови и на сопругата. И тој кажа дека за парите не знаеле синовите, а не ги чувале во банка затоа што не им веруваат ниту ним, нути на државата. Сепак, потврди дека на сметки во банки имаат одредени суми, како и дека финасиски им помагале на синовите. При вкрстеното испрашување, Обвинителството ја праша Ристова за парите што ги добиле од продажба на нива за изградба на фотоволтаици. Рече дека од тие пари немало ставено во ѕидот.
И Здравко и Донка Ристови беа прашани од Обвинителството и Судот како го објаснуваат моментот што при форензичкото вештачење не биле најдени нивни ДНК-траги, но е најдена ДНК од Ѓоко Ристов на фолиите. На ова прашање и двајцата одговорија дека не веруваат оти се најдени траги од нивниот син на фолиите.
