Европската комисија против расизмот и нетолеранцијата, како што се додава во извештајот, е свесна за контроверзноста на употребата на имињата Иван Михајлов и цар Борис Трети во земјава, а во овој контекст ги посочува измените на Законот за здруженија и фондации по чие усвојување овие две здруженија беа избришани од Централниот регистар
Сепак, ЕКРИ им препорачува на македонските власти да продолжат да заземаат јасен став и да ја осудуваат секоја форма на насилство врз лицата кои се идентификуваат како етнички Бугари или врз нивните организации
Антибугарскиот говор во Северна Македонија, стереотипното етикетирање на Бугарите како „фашисти“, а на Бугарките како „евтини проститутки“, но и нападите на бугарските клубови во земјава се најдоа во забелешките на извештајот што го објави Европската комисија против расизмот и нетолеранцијата (ЕКРИ) во кој се оценуваат случувањата во напорите на земјава за борба против дискриминацијата и промовирање на еднаквоста.
Во извештајот се наведува дека антибугарското насилство во земјава станало сериозно загрижувачки во последно време, особено по подметнувањето на пожарот во бугарскиот клуб „Иван Михајлов“ во јуни минатата година и по неколкуте напади врз бугарскиот културен клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид, од кој едниот со огнено оружје. Во овој контекст се споменува и нападот на претседателот на згаснатиот клуб „Цар Борис Трети“, Христијан Пендиков.
„Во овој поглед, ЕКРИ не може, а да не забележи дека се појавува шема што предизвикува сериозна загриженост и бара итна и ефикасна акција од властите, не само со осуда на прибегнувањето кон говор на омраза и насилство и изведување на сторителите пред лицето на правдата, туку и со систематско и доследно спротивставување на антибугарскиот јавен дискурс, со цел да се запре и овој загрижувачки тренд“,
се наведува во извештајот на Европската комисија против расизмот и нетолеранцијата.
Комисијата, како што се додава во извештајот, е свесна за контроверзноста на употребата на имињата Иван Михајлов и Цар Борис Трети во земјава, а во овој контекст ги посочува измените на Законот за здруженија и фондации, по чие усвојување овие две здруженија беа избришани од Централниот регистар.
Сепак, ЕКРИ им препорачува на македонските власти да продолжат да заземаат јасен став и да ја осудуваат секоја форма на насилство врз лицата кои се идентификуваат како етнички Бугари или врз нивните организации.
Освен кон етничките Бугари, Комисијата забележува дека повеќето случаи на говор на омраза се однесуваат на меѓуетничките односи меѓу Македонците и Албанците, а тоа, како што се додава, главно се јавува во секојдневната интеракција на припадниците на двете етнички групи, на пример, помеѓу учениците во јавниот превоз.
Комисијата посочува дека согласно добиените информации од граѓанските организации во последните години неофицијалниот број на евидентирани напади мотивирани од омраза изнесува 800. Се проценува дека 70 отсто од овие случаи се меѓу млади етнички Македонци и етнички Албанци.
„ЕКРИ препорачува релевантните власти сериозно да го сфатат и соодветно да одговорат на насилството мотивирано од омраза помеѓу етничките Македонци и етничките Албанци, вклучително и да спроведуваат ефективни истраги за таквите инциденти и да ги повикуваат на одговорност сторителите“,
се додава во извештајот.
Како честа појава во секојдневието, Комисијата го забележува и говорот на омраза против Ромите, кој, како што се наведува, често е широко распространет на Интернет и на социјалните медиуми.
Како жртви на говор на омраза, од ЕКРИ ги посочуваат и припадниците на ЛГБТ-заедницата, особено во периодите непосредно пред, за и по одржување на Парадата на гордоста. Како проблем се посочува и насилството кон поединци, ЛГБТ-центри и групи за поддршка, а недостигот на судско следење на овие случаи резултира со недоволно пријавување на самото насилство со кое се соочуваат овие кругови и дополнително го разгорува чувството на сигурност меѓу засегнатите лица.
Извештајот, како што наведуваат и од ЕКРИ, не се заснова на истраги или конкретни докази, туку врз основа на анализи и информации кои се собрани од широк спектар извори.
Целосниот извештај на Европската комисија против расизмот и нетолеранцијата во кој се оценуваат случувањата во напорите на земјава за борба против дискриминацијата и промовирање на еднаквоста, а кој се однесува на периодот од 2016 година, може да го погледнете на следниот линк.