Според неа, постои политичка волја за забрзување на реализацијата на Коридорот 8 и се работи на исполнување на поставените рокови. Оцени и дека коридорот има значајна улога во поврзувањето на Бугарија со Западен Балкан
Коридорот 8 мора да се гледа како еден стратешки проект за поврзување, а не како збир од одделни инфраструктурни делници, порача бугарската министерка за надворешни работи Велислава Петрова-Чамова пред почетокот на Меѓународниот форум за Коридорот 8 во Софија, пренесува БГНЕС.

„Коридорот 8 е проект кој е стратешки за нас и е приоритет со години, но не секогаш се работи на него со доволно ниво на активност што ни е потребно“,
кажа таа.
Оцени дека состанокот во Софија е можност да се одржи политичкиот моментум, но и да се разгледа напредокот на одделните проекти и делници.
„Не сакам да размислувам за тоа само како за мали проекти и делови, туку како за еден голем коридор што треба да се заврши“,
додава Петрова-Чамова.
Според неа, постои политичка волја за забрзување на реализацијата на Коридорот 8 и се работи на исполнување на поставените рокови.
„Завршувањето е реално. Секој проект го поставуваме во специфични параметри за тоа како точно треба да се финансира за да може да се заврши на време. Неодамна се одржаа состаноци со Министерството за транспорт, на кои навистина се поставија техничките параметри“,
вели бугарската министерка.
Посочи дека Коридорот 8 треба да се разгледува и во поширокиот контекст на европската транспортна, енергетска и безбедносна поврзаност.
„Потребно е да се развиваат повеќе видови инфраструктура. Железничката инфраструктура е важна, но важно е да се размислува за проектот во целост, бидејќи има потенцијал и за енергетска поврзаност, а во моментов е многу важен и за воената мобилност“,
кажа таа.
Коридорот 8, како што посочи, има значење и за поврзувањето на Бугарија со Западен Балкан, особено во контекст на развојот на пошироките европски транспортни коридори.
„Коридорот 8 ја има токму оваа поврзаност што можеме да ја имаме со Западен Балкан, па затоа е важно да не се заборави и работата на него таму“,
додаде министерката.
Бугарската министерка нагласи дека за реализацијата на проектот е потребна и политичка и техничка посветеност.
„Секако постои политичка волја од наша страна. За нас, темата за поврзаност е огромен приоритет воопшто. Работиме на исполнување на роковите“,
заклучи Петрова-Чамова.
На Меѓународната министерска конференција за Коридорот 8 во Софија, чиј домаќин е бугарската министерка за надворешни работи, присуствува и европкомераката за проширување Марта Кос.
