Министерот за информатичко општество и администрација и електроинженер Дамјан Манчевски, во дебата на „360 Степени“ зборуваше за 5Г мрежата и контроверзии поврзани со оваа тема.
„Сега сме предмет на една прилично организирана, не би можел да кажам од кој извор… кампања за ширење на лажни вести во однос на 5Г. Се поврзува тоа и со коронавирус итн… пред 3 недели имавме кампања во која ‘сите врапчиња умреа поради 5Г’. Меѓутоа, факт е дека во моментов во С. Македонија нема активна 5Г мрежа. Имаше еден тест период од само неколку дена или недели во декември 2019 година, кога Телеком тестираше 5Г на една многу ограничена територија и ги измери резултатите и толку беше. Пред и после тоа немало активни 5Г мрежи кај нас“,
вели Манчевски.
Тој кажа дека од Телеком во тестирањето ја мереле брзината на протокот на информации, количината на информации, како функционира мрежата и слично.
„Прво, кај нас нема во моментов ни една активна 5Г мрежа и немало на некој подолг временски период. Од друга страна и во голем дел од овие земји каде се јавија одредени сомнежи, еве ќе ја земам за пример Белгија. Брисел да, ја закочи имплементацијата на 5Г мрежата во градот, но остатокот од Белгија е покриен со сигнал. Значи, не се работи за нешто што не постои во светот. Во САД има активни 5Г мрежи. Во Швајцарија каде исто на дел од теристоријата се јавија сомнежи и рекоа, чекајте да видиме што се случува, на остатокот од територијата има активни 5Г мрежи, и во редица други земји“,
вели Манчевски.
Тој вели дека не очекувал во нашата држава да се јави поголема дебата и дека веројатно ќе има потреба од посебни кампањи за објаснување за што се работи.