Студентите за сместување во студентските домови ќе плаќаат 3 645 денари, исто како претходните години, се вели во одлуката на Управниот одбор на Државниот студентски дом „Скопје“

Сместувањето во студентските домови останува по стара цена, колку што студентите плаќале изминатите години, се вели во одлуката која денеска ја донесе Управниот одбор на Државниот студентски дом „Скопје“.
„Враќање на цените за сместување и исхрана на студенти, односно цената од 3 945 денари се враќа на 3 645 денари, исто како претходните години. Напоменуваме дека при покачувањето на цените за сместување и исхрана се земени во предвид сите трошоци на ДСД ’Скопје’ кои се значително поголеми и не е прекршена ниту една процедура“,
се посочува во соопштението на Државниот студентски дом „Скопје“.
Одлуката, како што се вели во соопштението, е донесена по претходна координација со Министерството за образование и наука и министерот Јетон Шаќири.
Како што додаваат од Државниот студентски дом „Скопје“, одлуката да се вратат старите суми е донесена по реакцијата на студентите за покачените цени, а дополнително ќе се бара решение за нормално функционирање на студентските домови.
Одлуката за покачување на цената за сместување и храна во студентските домови предизвика реакции кај студентите и пошироката јавност.
Вчера од Студентски отпор посочија дека и оваа 2023/24 студентите повторно се соочуваат со истите проблеми од претходните години.
„Годинава месечната кирија во студентските домови се зголеми на 3 945 денари, трошоците за амортизација на 700 денари, за испечатени четири листа А4 формат при вселување студентите плаќаат 500 денари, а 300 денари за фиктивната картичка за јадење која не се користи воопшто“,
реагираат од Студентски отпор.
Оттаму додаваат дека еден од најголемите скандали пред почетокот на академската година е тоа што на студентите во студентските домови им е укинат и појадокот и наместо, како што велат, да добијат зголемување на сумата на субвенциониран студентски оброк, Министерството за образование и наука им скратува појадок и им ја зголемува киријата за 30 отсто.
Исто така, додаваат од Студентски отпор, во однос на субвенционираниот студентски оброк на само две недели пред почетокот на новата академска година се уште немаат информација на кои места и во кои угостителски објекти ќе можат да се користат наменетите средства.
Студентски отпор бурно ги следи проблемите и најавува масовна мобилизација на сите студенти и жестока реакција за студентските проблеми кои секоја година се полоши и полоши. Протести и демонстрации се една од опциите!