Финансиската поддршка во износ од 140 денари е наменета за купување храна, а студентот може да ја користи од понеделник до сабота, кај правни лица кои произведуваат, подготвуваат или продаваат храна
Студентите што ги исполниле условите за субвенциониран студентски оброк треба да се пријават на активната онлајн платформа на Шпаркасе банка и да ги да ажурираат своите податоци на https://netbanking.mk/studentPortal, за потоа да може да ги подигнат платежните картички, информираат од Министерството за образование и наука (МОН).
„Студентите од втора и повисоките години на студии, кои аплицирале и ги исполниле условите за субвенциониран студентски оброк, за што добиле потврда од Министерството за образование и наука, треба да ги ажурираат своите податоци. Потоа, најрано 24 часа од моментот на ажурирањето на податоците, ќе добијат информација преку СМС за точното време и место за потпишување на договор за отворање на посебна сметка и за подигнување на наменска студентска виза картичка за субвенциониран оброк, преку која единствено ќе можат да ги користат средствата“,
велат од МОН.
За кандидатите што ќе се стекнат со статус на студенти во академската 2023/2024 година и кои не го запишале летниот семестар, аплицирањето за ова право, како што велат од Министерството за образование и наука, трае од 27 септември до 2 октомври 2023 година.
Секој апликант кој има потреба од непосредна поддршка при аплицирањето може да се обрати на subvencioniran.obrok@mon.gov.mk или во наменската канцеларија на приземјето во зградата на Министерството.
„Финансиската поддршка во износ од 140 денари е наменета за купување храна, а студентот може да ја користи од понеделник до сабота, кај правни лица кои произведуваат, подготвуваат или продаваат храна. Паричниот надомест не е предвидено да се исплаќа во периодот на летниот распуст од 1 јули до 1 октомври“,
велат од МОН.