Пациентите ќе треба претходно да потпишат изјави со кои ќе се гарантира тајноста на постапката и на личните податоци во кои ќе имаат увид. Начинот на избор на пациентите е оставен на нивните претставници кои го изнесоа ваквото барање, велат од Обвинителството

Јавното обвинителство ќе побара од неформалната организација, преку која пациентите ги изнесуваат своите барања за случајот „Онкологија“, да избере тројца онколошки пациенти кои во текот на целата постапка ќе имаат директен увид во прибраните докази и во преземените дејства.
Како што се наведува во соопштението од Обвинителството, ќе бидат преземени дополнителни чекори за обезбедување максимална транспарентност и отчетност на постапката за случајот „Онкологија“, зашто со предметот што се води се испитува евентуална повреда на највисокото уставно загарантирано право на здравствена заштита.
„Врз основа на барањето на онколошките пациенти изнесено на средбата која се одржа на 7 септември, Обвинителството денеска ќе побара од неформалната организација преку која пациентите ги изнесуваат своите барања да избере тројца онколошки пациенти кои во текот на целата постапка ќе имаат директен увид во прибраните докази и во преземените дејствија. Пациентите ќе треба претходно да потпишат изјави со кои ќе се гарантира тајноста на постапката и на личните податоци во кои ќе имаат увид. Начинот на избор на пациентите е оставен на нивните претставници кои го изнесоа ваквото барање. Претходно, Основното јавно обвинителство Скопје ги охрабри сите граѓани кои имаат сознанија во врска со овој предмет, да ги пријават на надлежните органи. Во текот на денешниот ден, надлежниот јавен обвинител телефонски го контактираа 10-ина граѓани, кои сакаат со свои сознанија да ѝ помогнат на постапката“,
информираат од Јавното обвинителство.
Во соопштението се додава и дека Јавното обвинителство ги презема сите дејства за обезбедување докази со цел проверка на наводите во овој предмет. Во таа насока, како што велат од Обвинителството, од самиот почеток е вклучен и лекарски и друг медицински персонал.
Неформалната организација „Протест против убиството на Онкологија“ попладнево преку објава на социјалната мрежа Фејсбук ги повика граѓаните да излезат на нов, втор по ред протест во врска со случувањата на Клиниката за онкологија.
Протестот, како што се наведува во објавата, е закажан за 18 часот пред зградата на Владата.
На претходниот протест, кој се одржа на 4 септември пред Владата и Јавното обвинителство, беше поставен ултиматум до властите за една недела да излезат со информации за случувањата на Онкологија, истовремено најавувајќи дека за една недела повторно ќе излезат на улиците.
Покрај најавата за протест, од организацијата прашуваат и дали поранешна директорка на Клиниката за онкологија е дел од шемата за крадење лекови и бараат од Основното јавно обвинителство и од државниот јавен обвинител Љубомир Јовески да обзнанат дали воопшто истрагата за поранешната директорка резултирала со судска пресуда, како и да се отвори истрага за наводите кои стигнале до нив.
Минатата недела тројца пациенти од Клиниката за онкологија беа примени во Јавното обвинителство откако три дена стоеја пред зградата на Обвинителството барајќи одговори за скандалот во Клиниката што го открија медиумите и за кој е отворена предистражна постапка. Тие повеќе од еден час разговараа со двајца обвинители кои ја водат предистрагата за случајот, во кој, според медиумите, се краделе терапии за болни од рак и се продавале на црниот пазар, а на дел од пациентите наместо вистински лекарства им се давал и физиолошки раствор.
Како што истакнаа по излегувањето од Обвинителството, она што им било пренесено е дека постапката е отпочната и дека поради обемот на материјалот што се анализира на неа работат двајца обвинители.