Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, одговарајќи на новинарски прашања во Кавадарци, ги повика граѓаните да се обединат околу ВМРО-ДПМНЕ и на избори, кои ќе се случат за неколку месеци од денес, да ја поразат владејачката коалиција на СДСМ и ДУИ. Она што е интересно и го привлекува вниманието во денешната изјава на Мицкоски е тоа што додека зборуваше за избори воопшто не го спомена зборот „предвремени“, иако досега на сите настапи го истакнуваше барањето за брзи предвремени избори, било да стануваше збор за прашања околу уставните измени или за други теми
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска од Кавадарци, одговарајќи на новинарски прашања за актуелни теми, ги повика граѓаните – и оние што се политички определени и оние што не се, да се обединат околу ВМРО-ДПМНЕ и на следните избори да ја поразат актуелната власт.

Она што е интересно и го привлекува вниманието во денешната изјава на Мицкоски е тоа што додека зборуваше за изборите воопшто не го спомена зборот „предвремени“.
Опозициската партија и нејзиниот лидер досега во сите настапи го истакнуваа барањето за брзи предвремени избори, било да стануваше збор за прашања околу уставните измени или за други теми.
Овој пат Мицкоски ги повика граѓаните да излезат на изборите кои, како што рече, ќе се случат за неколку месеци од денес и на тој начин да ја поразат владејачката коалиција на СДСМ и ДУИ.
„Колку подолго остане оваа криминална влада на ДУИ и СДСМ или СДСМ и ДУИ, како сакате, толку поголем цена ќе платат државата и граѓаните. Единствен начин да се казнат овие криминални измамници во Владата се изборите. Ги повикувам граѓаните во Македонија, сите оние што се политички определени или сите оние што можеби не се политички определени, да се приклучат кон ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата и на следните избори, кои за неколку месеци од денеска ќе се случат, да излезат и да гласаат. Со седење дома не можеме да помогнеме во процесот. Мора да излеземе масовно и да ја поддржиме опцијата која се обединува сè повеќе околу ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата која ВМРО-ДПМНЕ ќе ја предводи. Тоа е единствениот начин овие политички измамници и криминалци да се соочат со одговорноста. Ниту една измена во каков било закон нема да им помогне. Јас тоа го кажав, и златно знаме да стават, не европско, има десетици други членови и во тој закон и во други закони по кои тие ќе бидат изведени пред лицето на правдата. Криминалците нема каде да избегаат и да се скријат. Но, единствен начин да ги поразиме криминалците се масовно да излеземе на избори“,
рече Мицкоски, кој денеска во Кавадарци, на покана на градоначалникот Митко Јанчев, присуствуваше на настанот „Тиквешки гроздобер“.
Инаку, одговарајќи на новинарски прашања во врска со случајот на Клиниката за онкологија во Скопје, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека она што го загрижува е што органите на прогонот како да го игнорираат овој случај бидејќи и по повеќе од 10 дена од истрагата нема никакви информации за одговорните за тоа што се случувало на Онкологија.
„Покрај тоа што на дневна основа се занимаваат со ВМРО-ДПМНЕ и опозицијата, гледате како сето ова да го ставаат под тепих, го игнорираат, заборават и до овој момент, можеби после 10 дена, две недели, нема каква било информација ниту, пак, луѓе што некако се поврзани со овој случај, а ги има многу. Јавноста ги знае, не може никој да ме убеди, ниту мене ниту кој било дека тие што ја водат истрагата не ги знаат имињата на луѓето што се највиновни за ова што се случувало на Онкологија изминатиов период“,
рече Мицкоски.
Во тој контекст, лидерот на опозицијата рече дека за неколку месеци од денеска ќе има нова влада, предводена од ВМРО-ДПМНЕ и дека тој лично ќе побара високи казни и за одговорните за скандалот и за оние што, како што вели, сакаат да го стават под тепих.
„Морам да ги потсетам дека за неколку месеци од денеска ќе имаме нова влада што ќе ја преводи ВМРО-ДПМНЕ и дека и тие што ова го ставаат под тепих, но и тие кои се дел од ова грозоморно мафијашко здружување ќе бидат изведени пред лицето на правдата во најбрз рок и јас лично ќе побарам највисоки казни и за овие кои се обидуваат под тепих да го стават случајот, но и за тие кои се најодговорни што ова се случувало”,
рече Мицкоски.
Лидерот на опозицијата уште беше прашан и за инфлацијата за што тој, како и претходно, ја обвини власта која, како што рече, е неспособна да одговори на растот на цените.