Во неколкуте цркви во Скопје што ги посети нашата екипа забележавме дека има поставени средства за дезинфекција на влезовите и известувања да не се допираат иконите. Исто така, само во некои од црквите денеска имало причестување
Коронавирусот го намали број, но не ги премисли сите верници утрово да се упатат кон црквите да се причестат во пресрет на христијанскиот празник Велигден и продолжениот полициски час, кој ќе трае од петок во 16 часот до вторник во 5 часот.

Еден од најголемите метежи во главниот град утрово имало во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ каде што верниците чекале во ред за да влезат за причестување.

Од храмот велат дека не можат да ги затворат црквите, но дека и покрај тоа што имало верници сè поминало во мирна атмосфера и бил одржуван редот и дисциплината. Отец Сашко Николовки, сепак, смета дека годинава поради епидемијата бројот на верници бил помал во споредба со претходните години.
На влезот на Соборниот храм имаше известување и средство за дезинфекција за верниците што биле да се причестат и за оние што потоа доаѓаа само за да запалат свеќа.

Оттаму велат дека во текот на викендот ќе ги почитуваат мерките, ќе ги одржат литургиите, но без присуство на верници.
Во црквата „Свети Димитрија“, пак, утрово велат дека не им давале причесна на верниците, туку тоа го направиле само за најблиските во кругот на црквата.

Во оваа црква, пак, на првата икона по влегувањето е поставено известување до верниците да не ги допираат иконите. Кога нашата екипа беше во црквата, таму немаше ниту еден верник.

Во црквата „Свети Илија“ во скопската населба Аеродром утрово имало причестување од 9 до 10 часот, но, како што ни рекоа, за разлика од претходните години, бројот на верници и таму бил помал.

Додека нашата екипа беше таму, имаше само три-четири верници кои рекоа дека поради ситуацијата со коронавирусот не биле на причесна, но дошле само да запалат свеќи.

Во неколкуте цркви во кои бевме во обиколка забележавме дека поголем дел од верниците и вработените носеа заштитни маски и ракавици. Во црквите беа поставени садови со брашно и масло, од кои верниците можеа да земат.