Оттаму велат дека заради целосно расчистување и документирање на настанот, по наредба на јавен обвинител, обезбедени се снимки од видеонадзорот од околните објекти. Надлежниот јавен обвинител до судија на претходна постапка ќе достави и предлог за определување мерки на претпазливост против осомничениот. Ќе се бара привремено да му биде одземена патната исправа, како и забрана за контакти со сведоци на настанот и со оштетениот
Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против осомничениот за нападот на новинарската екипа на ТВ Алсат што се случи вчера во Старата скопска чаршија.

Како што соопштија денеска од Јавното обвинителство, осомничениот се гони за кривичното делот насилство, според членот 386 од Кривичниот законик.
Станува збор за 53-годишниот С.Е. од Скопје, кого полицијата го приведе вчера, откако снимателот на телевизијата, кој беше повреден во нападот, го пријави случајот, информираа од МВР.
Од Јавното обвинителство даваат краток опис на настанот, според кој осомничениот 53-годишник вчера во Старата скопска чаршија првин почнал со закани и навреди, а потоа и физички ја нападнал новинарската екипа на ТВ Алсат.
„Со тупаници го удрил снимателот по главата и телото, а кај двете новинарки предизвикал чувство на вознемиреност и страв“,
се вели во соопштението на Јавното обвинителство.
Оттаму велат дека заради целосно расчистување и документирање на настанот, по наредба на јавен обвинител, обезбедени се снимки од видеонадзорот од околните објекти.
Надлежниот јавен обвинител, се додава во соопштението, до судија на претходна постапка ќе достави предлог за определување мерки на претпазливост против осомничениот. Ќе се бара привремено да му биде одземена патната исправа, како и забрана за контакти со сведоци на настанот и со оштетениот.
Инаку, како што објави вчера телевизијата, напаѓачот без никаков повод и причина, со остар предмет ѝ се заканувал по живот на новинарската екипа, а потоа и физички го нападнал снимателот нанесувајќи му повеќе повреди на различни делови од телото.
По нападот на телевизиската екипа, во чаршијата пристигнала и полицијата, но во меѓувреме напаѓачот ја затворил продавницата и заминал од местото на настанот.
Од МВР вчера попладне соопштија дека по добиената пријава и преземените мерки и активности осомничениот бил идентификуван и приведен од страна на полициски службеници.
За случајот реагираа од Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) од каде што ги повикаа надлежните органи да спроведат брза и ефикасна истрага.