„Овој пат клучот е кај нас, и со особена благодарност гледаме на поддршката на нашите меѓународни пријатели кои обезбедија навистина сериозни гаранции со поддршка за земјава во овој процес“, потенцира Османи. Во меѓувреме, додава тој, државата продолжува да работи на внатрешните реформи и успешно хармонизирање на домашното законодавство со правото на Европската Унија
Шефот на македонската дипломатија Бујар Османи денеска имал одвоени средби со евроамбасадорот Дејвид Гир, холандскиот амбасадор во земјава Дирк Јан Коп и со заменик-шефот на мисијата на амбасадата на Соединетите Американски Држави (САД), Ерик Мејер.

За трите одвоени средби на Османи со дипломатските претставници преку соопштение на својата интернет-страница информира Министерството за надворешни работи.
Во фокусот на средбите, како што се наведува од МНР, биле политичките актуелности во државата. Посебен акцент бил ставен на околностите во кои се води јавната расправа за предложените уставни измени и напорите на Владата да обезбеди континуитет на започнатите преговори за членство на земјава во Европската Унија без застој.
Османи во тој контекст, како што се наведува во соопштението, вели дека „овој пат клучот е кај нас“ изразувајќи благодарност за поддршката од меѓународните партнери.
“Имаме одлична, може да се рече – уникатна можност, да обезбедиме пристојна европската иднина за нашите граѓани, што е воедно стратешка цел и определба на нашата држава и институции, но и јасна и недвосмислена волја на нашите граѓани. Овој пат клучот е кај нас, и со особена благодарност гледаме на поддршката на нашите меѓународни пријатели кои обезбедија навистина сериозни гаранции со поддршка за земјава во овој процес“,
потенцира Османи.

Во меѓувреме, додава шефот на дипломатијата, државата продолжува да работи на внатрешните реформи и успечно хармонизирање на домашното законодавство со правото на Европската Унија.
На средбите, информираат од МНР, биле отворени и темите од регионален карактер, особено во контекст на европска интеграција на целиот регион на Западен Балкан.
„Актуелните безбедносни и геополитички предизвици, потребата од долгорочен и ефикасен реформски процес кај сите земји од регионот, сѐ уште актуелните потреби за помирување и затворање на отворените билатерални прашања ги обременуваат односите во регионот и европската перспектива мора да ја задржи трансформативната моќ на Балканот“,
посочува Османи, се наведува во соопштението на МНР.

Кој е за „европската агенда“, а кој гази по „достоинството на народот“ со уставните измени и денеска беше тема на препукување на власта и опозицијата. Владејачката СДСМ бара од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, да ги поддржи уставните измени и со тоа да покаже дека е за европската агенда. Од опозициската партија, пак, повторуваат дека нема да дозволат уставни измени под бугарски диктат.
Процедурата за уставни измени во Собранието почна на 25 јули, откако собраниската Комисија за уставни прашања со 10 гласа „за“ и седум „против“ го поддржа предлогот на Владата за пристапување кон измена на Уставот.
Иако дебатата пред собраниската Комисија можеше да трае 10 дена, таа заврши за околу два часа, откако од името на пратениците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, координаторот Никола Мицевски го повтори ставот дека нема да поддржат уставни измени. Ниеден друг пратеник од ВМРО-ДПМНЕ не се вклучи во расправата на комисиската седница.
За комплетирање на првата од вкупно три фази на процедурата за уставни измени, за предлогот за пристапување кон измена на Уставот да помине на пленарната седница која ќе почне на 18 август, потребна е двотретинска поддршка (најмалку 80 гласа). Ако се случи тоа, процедурата ќе продолжи со следната фаза – подготовка и усвојување нацрт-амандмани. Тогаш се доволни и 61 глас. Двотретинска поддршка повторно е потребна при третото гласање (фаза) – за предлог-амандманите.