Од 26 април за земјите надвор од ЕУ, ЕФТА и Западниот Балкан, само заштитните маски ќе бидат предмет на посебни дозволи за извоз. Одлуката ќе биде повторно ревидирана триесет дена од нејзиното стапување во сила
Европската комисија соопшти дека е донесена одлука рестрикциите за извоз на заштитни маски да не важат повеќе за земјите од Западен Балкан од 26 април, јави МИА од Брисел.
Регулативата за посебни дозволи за извоз на заштитна опрема во рамките на борбата против коронавирусот донесена во март начелно ги изземаше само земјите надвор од ЕУ, кои се членки на европската слободна трговска зона.
На барање на властите од шесте земји од регионот, Европската комисија ја ревидираше одлуката забраните да не важат повеќе за западниот Балкан.
Поврзана вест: Димитров и колегите бараат ЕУ да го изземе Западен Балкан од забраната за извоз на производи за лична заштита
Сегашната регулатива истекува на 25 април, од следниот ден Западниот Балкан ќе може да увезува заштитни маски без претходни дозволи, што би требало значајно да ги забрза процедурите, но испраќа и политички сигнал до регионот.
Новата регулатива содржи измени и за типот опрема за која е потребна посебна дозвола. Од 26 април за земјите надвор од ЕУ, ЕФТА и Западниот Балкан, само заштитните маски ќе бидат предмет на посебни дозволи за извоз, одлучи Европската комисија. Одлуката ќе биде повторно ревидирана триесет дена од нејзиното стапување на сила.
*Поврзана вест
Европратеници бараат да се укинат забраните за извоз на медицинска опрема кон Балканот