Известувачот за Македонија во Европскиот Парламент, Илхан Ќучук, и други европратеници и испратија писмо до претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, во кое бараат Западниот Балкан да биде изземен од рестрикциите за извоз на заштитна медицинска опрема од ЕУ, јави МИА од Брисел.
Европската Комисија одлучи за изземање од рестрикциите само на Обединетото Кралство, Норвешка, Исланд, Лихтенштајн, Швајцарија, Ватикан и Андора, но не и Западниот Балкан.
„Рестрикциите за извоз на медицинска опрема може да имаат сериозни последици за Западниот Балкан. Здравствените системи во овие земји се генерално послаби, затоа граѓаните од западниот Балкан имаат потреба од засилена заштита од ЕУ“,
пишува Ќучук до фон дер Лајен.

Европратеникот заедно со другите европратеници потписници на писмото бараат Западниот Балкан да биде вклучен во списокот на изземени држави за извоз.
Тие сметаат дека регионот треба да биде вклучен и во јавните набавки за кризни производи.
„ЕУ постојано го става процесот на интеграција на западниот Балкан на пауза, но овие земји со години нѐ поддржуваат за миграцијата и други области. Сега сме ние на ред да покажеме солидарност. Пандемијата ги засега сите и солидарноста на сите европски земји може да спаси животи“, стои во писмото до шефицата на Европската Комисија.
Пратениците се уверени“ дека фон дер Лајен сериозно ќе се справи со ова прашање.
Паралелно со ова писмо, известувачот за Северна Македонија поднесе и писмено прашање до Европската Комисија бара да знае дали Комисијата планира да пренасочи неискористените средства од претпристапните фондови за да им помогне финансиски на државите од регионот и кои други мерки планира да ги преземе за да им помогне.
На иста линија со барањата на известувачот Ќучук е и македонската влада. Како што објави во четвртокот вицепремиерот Бујар Османи, преку Секретаријатот за европски прашања од еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји побарала земјава да биде исклучена од рестрикциите на ЕК за заштита на стабилноста на единствениот европски пазар кои се однесуваат на медицинска опрема и средства за работа, како и други поволности за финансиска помош поради кризата.