Кочничарите на евроинтегративниот процес ја бугаризираат државата и ги принудуваат Македонците да вадат бугарски пасоши, оценува министерот за надворешни работи Бујар Османи. Во интервју за ТВ 21, тој објаснува дека впечатокот го темели врз основа на изјави од македонски граѓани со кои контактирал на последниот форум во Дубровник, а кои му порачале дека изгубиле надеж за членство на земјава во ЕУ. Османи го повтори ставот дека мора да се искористи шансата за напредок на државата.
„Тие што беа Македонци сите добиле бугарски пасоши и ми рекоа дека немаат проблем веќе. Ги прашав зошто извадиле бугарски пасоши? Затоа што изгубиле надеж дека нашиот пасош ќе биде европски и не можат да чекаат да се изгуби уште една генерација. Значи, Македонците кои ја кочат европската иднина на државата, само ја бугаризираат државата. Ако се изгуби оваа можност во овој критичен момент, Македонците ќе добијат бугарски пасоши и ќе си заминат, а ќе си заминат секако и Албанците, без пасоши, со ограничените можности што им ги дава македонскиот пасош“,
вели Османи.
Отакако вчера Комисијата за уставни прашања ја утврди потребата од пристапување кон измена на Уставот, од Европската комисија денеска испратија порака – сите политички сили во земјата, вклучително и опозицијата, треба да работат заедно за обезбедување на иднината на Северна Македонија во Европската Унија.
„Северна Македонија се обврза да го измени својот Устав. Тоа е суверена одлука. Во овој поглед се преземени првични чекори. Земјата дава добар пример за мултиетничко општество. Затоа, со измена на Уставот дополнително ќе се унапредат основните права“,
изјави за МИА портпаролката на ЕК, Ана Писонеро.
Уставните измени, со кои Бугарите и припадниците на уште неколку други заедници треба да влезат во Преамбулата на Уставот, се услов за одржување на втората Меѓувладина конференција, со што преговарачкиот процес меѓу С Македонија и ЕУ треба да продолжи со отворање на кластерите.
Процедурата за уставни измени почна вчера, откако собраниската Комисија за уставни прашања со 10 гласа „за“ и седум „против“ го поддржа предлгогот на Владата за пристапување кон измена на Уставот.
Иако дебатата пред собраниската Комисија беше предвидено да трае 10 дена, таа заврши по околу два часа расправа, откако пратениците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ го повторија својот став дека нема да поддржат уставни измени под бугарски диктат и дека веќе нема да се вклучуваат во дебата пред собраниското комисиско тело.