Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, порача дека поради пандемијата на коронавирусот треба да се почека со правење планови за летен одмор.
„Советувам да почекате со таквите планови. За јули и август се уште никој не може да даде сигурна прогноза“,
вели Фон дер Лајен во интервју за германски „Билд“.
На прашањето во однос на одлуката на германската Влада да им се издаваат на луѓето вредносни ваучери за патувањата кои поради пандемијата се откажани, таа одговори дека тие, правно гледано, имаат можност да бираат дали да им се вратат парите или да добијат ваучери.
Сепак, таа ги повика оние граѓани кои немаат финансиски проблеми, да не бараат враќање на парите, туку да земат ваучери, со што ќе им се олесни на туристичките агенции да ја надминат кризата.
„Во оваа криза, потребна е солидарност на сите. Ако некој е финансиски во можност да не побара враќање на средствата, туку да земе ваучер, тогаш тоа ќе биде добро за туристичките агенции да ги надминат тешките недели“,
вели Фон дер Лајен.