Уставниот суд времено го стопира Упатството за издавање изводи со етничка графа оти не било објавено во „Службен весник“ во соодветниот рок.
Министерот за правда Кренар Лога најавува дека ќе донесе ново Упатство со етничка графа и тоа ќе се објави во „Службен весник“, со што смета дека времената мерка на Судот ќе стане беспредметна
Уставниот суд денеска одлучи новите изводи со етничка графа привремено да не се издаваат, сѐ до конечната одлука на судиите, но препукувањата на релација Лога – Дескоска продолжија.
Откако ексминистерката за правда Рената Дескоска вчера образложи дека Упатството со графа за етничка припадност треба да се поништи, актуелниот министер во ресорот правда денеска неа ја нарече лош пример за министер.
„За време на нејзиното извршување на функцијата министер за правда, таа ( Рената Дескоска н.з.) сама се номинирала за претставник во Венецијанска комисија , независно советодавно тело при Советот на Европа. Ако таа се повикува на европските и меѓународните стандарди, тогаш е една од оние министри кои ги прекршиле тие стандарди. Ова го нема во ниту една земја во светот. Таа е лош пример за министер и во минатото, кога не прифати уставните измени за Преспанскиот договор да одат преку Министерството за правда, туку преку МНР, што е преседан”,
вели Лога.
Дескоска му возврати дека кога се нема аргументи, се користат напади и навреди.
„Јас лично посакувам секој следен министер да биде подобар од претходните, бидејќи само така може да одиме напред. А тоа може само со политики засновани на точни информации и со почитување на најдобрите меѓународни практики. P. S. Во животот сум вршела неколку функции, но потпретседател на партија никогаш не сум била“,
напиша Дескоска на својот фејсбук-профил.
Зошто Уставен ги стопираше изводите со етничка графа?
Уставниот суд денеска одлучи да поведе постапка и времено да го запре извршувањето на Упатството, сѐ до конечната одлука на судиите.
Мнозинството судии изразија сомнеж во уставноста на ова Упатство и покренаа иницијатива за проверка на законитоста. Додека донесат конечна одлука, ќе важи времената мерка, односно во изводите нема да се става графата за етничка припадност.
Досега во изводите имаше графа за државјанството, но не и графа за национална припадност.
Основната причина за поведување на постапка на Уставен е пречекорување на рокот за потпишување – од потпишување, до објава во „Службен весник“. Министерот за правда го потпишал упатството на 29 мај, а во „Службен весник“ е објавено на 15 јуни.
Седницата ја следеше и Лога, кој по одлуката рече дека сега се отвора Пандорината кутија бидејќи, според него, во многу наврати не бил почитуван уставниот рок за објавување на подзаконски акти во „Службен весник“.
Тој најавува дека ќе донесе ново Упатство во етничка графа, со што вели времената мерка на Судот ќе станела беспредметна.
Во пресрет на седницата на Уставен, ексминистерката Дескоска поттикната од новинарите вчера образложи дека Законот за матична евиденција предвидува националност во матичните книги, но не и во изводите, оти етничката припадност спаѓа во групата сензитивни податоци, кои подлежат на посебна заштита. Таа ја оцени како добра веста дека Уставниот суд ќе расправа за ова прашање.