Точно во 10 часот започна протестот на судската администрација пред Основниот кривичен суд во Скопје, на кој вработените од надлежните бараат да им се исплатат додатоците и зголемување на платите. Со транспаренти во рацете, административците го „затворија“ влезот пред Кривичен. Од синдикатот на УПОЗ за МИА изјавија дека револтот кај вработените во судската администрација е голем, особено по одлуката на Уставниот суд со која платите на избраните и именуваните лица се зголемени за 78 отсто.







Претходно, поддршка за протестот вработените пристигна и од Основниот кривичен суд Скопје
„Управата на судот во целост ги поддржува заложбите и напорите на синдикатите на судската служба во остварување на нивните права. Судските службеници се клучна алка во синџирот на судската власт и имаат движечка улога во остварување на правата на граѓаните пред судските постапки. Заради тоа, сметаме дека нивните барања се оправдани и неопходни за понатамошно функционирање и развивање на правосудниот сектор“,
соопштија од Кривичниот суд во Скопје.
Оттаму кажаа и дека за време на протестот целосно ќе се почитуваат обврските на судот и дека нема да има одлагање на итните и притворските предмети, а сите шалтери ќе работат со дежурни службеници со цел да им се излезе во пресрет на странките.