Финансиската поддршка од 176 милиони евра што Меѓународниот монетарен фонд ММФ ја одобри денеска за нашата држава е со каматна стапка од 1,5 проценти и рок на отплата од пет години.
Според министерката за финансии Нина Ангеловска, поддршката е двојно повеќе од сумата што ја очекувавме првично и доаѓа во вистинско време, пред пикот на здравствената криза која се очекува некаде на крајот на месецов.
„Навистина добра вест бидејќи ова се поволни средства, со ниска каматна стапка од 1,5 проценти и рок на отплата од пет години. Оваа финансиска поддршка од ММФ е преку Инструментот за брзо финансирање кој обезбедува брза и лесно пригодлива финансиска помош за земјите членки на ММФ кои се соочуваат со итни потреби на билансот на плаќање“,
истакна Ангеловска.
Со инструментот може да се обезбеди поддршка за да се задоволи широк спектар на итни потреби вклучително и оние што произлегуваат од шокови на цени на стоки, природни непогоди, конфликтни и постконфликтни ситуации и други вонредни состојби кои можат да ја погодат земјата.
Гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска Бежоска, пак, оценува дека финансиската поддршка за нас е од исклучително значење како за спроведување на фискалните мерки, така и за спроведување на натамошниот раст на девизниот потенцијал на нашата економија, односно за зголемување на нивото на девизни резерви.
„На овој начин се создава поголем простор за спроведување релаксирана монетарна политика и за обезбедување на олеснети финансиски услови за кредитирање на погодените компании и граѓани. Овој инструмент има и катализаторска улога односно тој е значајна алатка која што овозможува поголем пристап до други надворешни извори на финансирање вклучително и до европските. Имено одобрувањето на овој ангажман е и потврда на здравоста на политиките спроведувани од страна на централната банка коишто резултираа со ценовна и финансиска стабилност што пак има важна сигнална улога за идна финансиска поддршка“,
рече гувернерката.