Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) одобри финансиска поддршка за Северна Македонија во износ од околу 176 милиони евра.
Преку инструментот за брзо финансирање се овозможува исклучително брз и поволен пристап до финансиски средства од ММФ, во услови кога економија со здрави фундаменти е погодена од надворешен, неочекуван и привремен шок, каков што е пандемијата на вирусот ковид-19.
Во заедничкото соопштение на Народна банка и Министерството за финансии се вели дека користењето на парите од ММФ е важен елемент за обезбедување дополнителни финансии за буџетска поддршка, како и поддршка на девизниот потенцијал на економијата.
„Како и поголем дел од економиите во глобални рамки, и македонската економија привремено ќе биде погодена од појавата на новата вирусна инфекција. Ефектите ќе се почувствуваат и преку намалувањето на глобалната побарувачка, но и преку прилагодување на домашната побарувачка, во услови на неизвесност и преземени мерки за ограничување на ширењето на вирусот. Слично како и во другите економии, ваквиот контекст наметнува потреба од прилагодување на макроекономските политики за привремена и целна поддршка на економијата“,
се вели во соопштението од НБРМ и МФ.
Во контекст на политиките, ММФ истакнува дека Народната банка, во рамки на својот мандат реагираше брзо за соодветно да одговори на економските предизвици поврзани со ковид-19.
Покрај намалувањето на референтната каматна стапка и целните промени во задолжителната резерва, ММФ ги издвојува и регулаторните измени со коишто се овозможи привремено олеснување на финансискиот товар на корисниците на кредити погодени од корона-кризата.
ММФ се осврнува и на преземените фискални мерки за заштита на ликвидноста на компаниите и за обезбедување социјална заштита за погодените домаќинства. Притоа одделно се нотирани мерките донесени од Владата со коишто се намалуваат непотребните расходи во овој период и се обезбедуваат натамошни финансии за здравствениот сектор. Од ММФ се разгледани и мерките со коишто се промовира сигурност на работните места и стабилност на пазарот на трудот.