„Можеби е добро со камерите да појдете до споменикот во Слупчане и таму да прашате кој ја дал дозволата за градба, кој и како го финансирал“, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ не гледа дело во предметот „Феникс“ за кој меѓу осомничените за злоупотреба на службената положба и за перење пари се експремиерот Никола Груевски, поранешните министри Зоран Ставревски и Елизабета Канческа-Милевска, ексградоначалниците на Општина Центар, Виолета Аларова и Владимир Тодоровиќ, експретседателот на Советот на Центар, Владимир Здравев… Одговарајќи на новинарско прашање при денешната посета на Кисела Вода, Мицкоски оцени дека „Феникс“ е продолжување на негирањето на македонскиот идентитет.
„Тоа што беше театар пред јавноста, а што беше прикажано пред некој ден, а вие го нарековте случај ‘Феникс’. Тоа е исклучиво со една цел, а тоа е дефокус од јавното мислење, за да се дивергира од оние кои денеска купуваат со десетици милиони евра имот во центарот на Скопје. Ако имало дело, тоа ќе било решено пред седум, осум-девет години. И второ, продолжува на тој начин да се негира македонскиот идентитет зашто така се фрла сенка на идентитетските обележја, односно тие споменици кои имаат за цел да прикажат историски континуитет на битката на македонскиот народ за своја држава и битката за својот сопствен идентитет. Можеби е добро со камерите да појдете до споменикот во Слупчане и таму да прашате кој ја дал дозволата за градба, кој и како го финансирал. И го охрабрувам тој истиот обвинител да отвори една таква предистрага, барем нека се охрабри да отвори предистрага. Или може сакате да одиме до Зајас, до Колари, или сакате до уште неколку места да ве однесам во Македонија каде што има такви нелегални градби и каде што има основано сомневање за еден поспектакуларен случај од овој што служи за дефокус од криминалите на овие неколку семејства кои денеска ја имаат заробено Македонија“,
вели Мицкоски.
Вкупно 15 физички и седум правни лица се осомничени во истрагата што Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) ја отвори, а е поврзана со проектот „Скопје 2014“.
Обвинителот Љубомир Лапе соопшти дека оваа истрага се однесува на 11 споменици. Станува збор за следните споменици: „Воинот на коњ“, лавовите – архаични и класични, „Даме Груев“, „Гоце Делчев“, „Никола Карев“, „Методија Андонов – Ченто“, „Цар Самуил“, „Гемиџии“, „Цар Јустинијан“, „Првото заседание на АСНОМ“ и „Основачите на ТМРО“. Станува збор за зделки во кои, според Обвинителството, во земјава спомениците се тендерирале по една вредност, а потоа во Италија се плаќале по драстично помали цени.
Мицкоски врати и на денешното соопштение на ДУИ во кое се обвинува дека ВМРО-ДПМНЕ е „судски потврдено криминално здружение со лично признание на пола партија пред суд“. Тој во одговорот не го поштеди ниту лидерот на ДУИ, со кој ВМРО-ДПМНЕ повеќе од една деценија ја делеше власта. Мицкоски му порача на Али Ахмети дека кариерата ќе ја заврши како обичен криминалец повикувајќи се на случајот „Соравија“ во чие купување е вмешан внукот на Ахмети, Дрин.
„Тој човек, кој себеси се претставуваше како борец за човекови права пред 20 години, изгледа раководен од неколкумина околу него, ќе заврши како човек длабоко вплеткан во криминал. Но, за жал, го вплеткува и сопственото семејство. Тоа не е добро. Би го советувал тие малкумина советници околу него кои на овој начин го советуваат да испраќа пораки во јавноста, или да ги промени позициите на кои се, или да престане на овој начин да го вплеткува сопственото семејство. Имаше голема шанса, но како што одминува времето тој не само што ја пропушта таа шанса, туку е и пред сопствениот политички крај како обичен криминалец“,
изјави Мицкоски.
Лидерот на опозицијата е уверен дека на наредните избори граѓаните, како што вели, ќе пратат порака дека за некои, наместо да останат на власт, е време да заминат во Идризово.