Оттаму бара Владата јавно да се огради од постапувањето на министерот за локална самоуправа и директорот на Агенцијата за остварување на правата на заедниците и да утврди политичка одговорност
Во таа насока, од партијата бараат Министерството за внатрешни работи (МВР) и Јавното обвинителство по службена должност да ги испитаат сите објави, изјави и дејствија поврзани со случајот и доколку се исполнети законските услови да го применат Кривичниот законик, потенцирајќи дека државната функција не смее да биде штит од законот
Либерално-демократската партија (ЛДП) во денешното соопштение најостро ја осудува секоја форма на величање и глорификација на Ратко Младиќ, кој завчера почина во Хаг, а беше правосилно осуден на доживотен затвор за геноцид во Сребреница, злосторства против човештвото и воени злосторства.

Ваквата реакција на партијата следува откако вчера на фејсбук-страницата на Демократската партија на Србите во Македонија, чиј претседател е актуелниот министер за локална самоуправа во Владата, Иван Стоилковиќ, беше објавен текст во кој се глорифицира ликот на осудениот воен злосторник. Инаку, објава на својот профил на Инстаграм по истиот повод имаше и актуелниот директор на Агенцијата за остварување на правата на заедниците, Далибор Китановиќ.
„Ова не е прашање на политички став, национална припадност или различно толкување на историјата. За геноцидот нема друга страна на приказната кога фактите се утврдени со правосилни пресуди на меѓународни судови“,
се вели во партиската реакција.
Оттаму сметаат дека е недозволиво ваквата глорификација да биде поврзана со носители на високи државни функции.
ЛДП бара Владата јавно да се огради од постапувањето на министерот за локална самоуправа и директорот на Агенцијата за остварување на правата на заедниците и да утврди политичка одговорност.
„Не може Македонија пред Брисел да се повикува на европски вредности, а дома Владата да молчи кога нејзини функционери учествуваат во величање на лице осудено за геноцид“,
пишува во партиското соопштение.
Според ЛДП, ова прашање не завршува со политичка одговорност, туку сметаат дека мора да се испита и евентуална кривична одговорност.
„Кривичниот законик, во член 407-а, го санкционира јавното негирање, грубо минимизирање, одобрување или оправдување на геноцид, злосторства против човечноста и воени злосторства преку информационен систем, за што е предвидена и казна затвор“,
посочуваат од партијата.
Во таа насока, од партијата бараат Министерството за внатрешни работи (МВР) и Јавното обвинителство по службена должност да ги испитаат сите објави, изјави и дејствија поврзани со случајот и доколку се исполнети законските услови да го применат Кривичниот законик.
„Државната функција не смее да биде штит од законот“,
велат од ЛДП.
Според партијата, потребна е сеопфатна законска рамка со која ќе се забрани јавно величање, афирмирање и промовирање на лица што се правосилно осудени за геноцид, злосторства против човештвото и воени злосторства, како и промовирање фашистички, нацистички и други тоталитарни и насилни идеологии што промовираат омраза и нетрпеливост.
Забраната, како што се вели во партиското соопштение, мора да важи и при именување и регистрација на здруженија, фондации, клубови, организации, јавни установи, улици, плоштади, манифестации и други јавни обележја, со цел тие да не можат да носат имиња и симболи со кои се величаат вакви личности, идеологии и злосторства.
И образовниот систем, како што велат оттаму, треба да биде јасна линија на одбрана од историскиот ревизионизам.
Според партијата, геноцидот, злосторствата против човештвото и воените злосторства треба да се изучуваат врз основа на историски и правосилно утврдени судски факти, без релативизирање или негирање.
„Европска држава не се гради со европски пароли, туку со европски вредности. Почитувањето на жртвите и осудата на геноцидот се црвена линија. Нема молк кога се величаат осудени за геноцид. Нема релативизација на злосторствата. И нема државна функција над законот и без политичка одговорност“,
велат од ЛДП.
Опозициските СДСМ и ДУИ упатија остри реакции откако на фејсбук-страницата на Демократската партија на Србите во Македонија, чиј претседател е актуелниот министер за локална самоуправа во Владата, Иван Стоилковиќ, беше објавен текст во кој се глорифицира ликот на осудениот воен злосторник, кој почина завчера во Хаг.
Објава на својот инстаграм-профил по истиот повод имаше и директорот на Агенцијата за остварување на правата на заедниците, Далибор Китановиќ. Тој објави фотокомпозиција, очигледно креирана со вештачка интелигенција, на која Ратко Младиќ е прикажан заедно со личности од српската историја, меѓу кои и Дража Михајловиќ, а со големи букви е напишано: „Генерални на небеската војска“.
Реакција упатија и од Влен откако од ДУИ ги обвинија дека молчат за објавата на нивниот коалициски партнер во власта – Демократската партија на Србите во Македонија, во која со пиетет за зборува за Ратко Младиќ.
Сепак, соопштението од Влен како повеќе да се однесува на објавата на директорот на Агенцијата за остварување на правата на заедниците, Далибор Китановиќ, отколку на текстот што на Фејсбук го сподели партијата на актуелниот министер за локална самоуправа, Иван Стоилковиќ.
