„Зад оваа постапка стојат исплашени политичари, на чело со Заев кој и понатаму има огромно влијание во правосудниот систем и нему блиски луѓе од политиката, од неговата партија СДСМ, но и од други партии“, пишува поранешниот премиер во долгиот статус на Фејсбук кој е негова реакција на објавата од Обвинителството дека отвора истрага под кодно име „Феникс“, во која тој е првоосомничен
„Би сакал сега да ме погледнат во очи оние што до вчера пуштаа лажни информации за некаков мој договор со власта и слични ниски лажни информации од исплашени политичари“, вели Груевски
Не требаше да поминат ни 24 часа од објавувањето на случајот „Феникс“ за преку „Фејсбук” да се јави поранешниот премиер и актуелен бегалец во Унгарија, кој во подолга објавува образложува зошто смета дека токму сега се актуализира предмет поврзан со проектот „Скопје 2014“ во кој тој е првоосомничен. Целата ситуација, според Груевски, е производ за дефокусирање на јавноста од проблемите во судството и обвинителството во кои, во конкретен случај, е инволвирана и австриска компанија, а реагираше и австриската амбасада во земјава.

Тој вели дека правосудниот систем е претворен во инструмент и алатка за дефокусирање од криминалите на поединци од власта и за политичка елиминација на политичките неистомисленици, особено оние кои имаат доверба кај народот.
„Зад оваа постапка стојат исплашени политичари, на чело со Заев кој и понатаму има огромно влијание во правосудниот систем и нему блиски луѓе од политиката, од неговата партија СДСМ, но и од други партии. Токму заради тоа влијание тој и си дозволува правосудството да го користи освен во политички и во криминални бизнис цели и активности. Исплашените политичари имаат причина да бидат исплашени. Премногу зло направија и сè уште прават убедени дека така вечно ќе просперираат. Нема!!! Историјата го покажала тоа. Тоа се природни закони. Едно треба да знаат, дека какво и зло сега да прават скриени како глувци зад правосудниот систем кого го контролираат и зад партиите, нема да успеат и дека не треба нив друг да ги уништи, бидејќи самите ќе се уништат, како што веќе и го прават тоа, затоа што нечесните методи со кои работат ќе доведат до тоа“,
вели Груевски.

Во фејсбук-статусот, поранешниот премиер пишува дека образложението зошто тој и другите, меѓу кои и ексминистрите за финансии и за култура, двајца поранешни градоначалници и експретседавач на Советот на Општина Центар, се ставени на листата осомничени е „нелогично, недемократско, незаконско и глупаво образложение“.
„Образложиле дека со својата политичка моќ и влијание влијаеле владата како колективен орган да предложи и парламентот со колективна одлука да донесе закон за Буџет, од кој произлегува законската можност подоцна со која со одлука на владата повторно како колективен орган, одредени парични средства да се дадат на располагање на општините за изградба на спомен обележја во општините. Не постои држава во светот во која некој функционер кој предложил некоја идеја, зад која застанало мнозинството во парламентот и донело одлука, а потоа и владата, или како претседавач на седницата на владата потпишал одлука на владата која колективно и без исклучок ја прифатило таа одлука, да биде кривично гонет за злоупотреба на службена должност. Нема таква земја! Во другите демократски земји тоа се нарекува креирање и спроведување на политики за кои на избори народот одлучува дали биле добри или не, а мнозинството народ во Македонија знаме како одлучи на сите парламентарни избори од 2006 година до 2016 година. Во сите мнозинството граѓани дадоа доверба на тие политики“,
вели експремиерот.
„Да ме погледнат во очи исплашените политичари што тврдеа дека правам договор со власта”
Според него, нема ништо спорно и во тоа што фирмата од Италија која добила на тендерот за изработка на 11 споменици, дала дел од работата на подизведувач. Тоа, како што вели Груевски, е нормална бизнис-практика секаде во светот.
„Очигледна е тенденцијата проектот и политичката гарнитура од тоа време да се оцрнат, бидејќи досегашните 15-годишни напори им даваат многу малку плод, затоа што народот гледа и расудува со какви хохштаплери, криминалци, измамници и предавници си има работа, кои до вчера сакаа да ги рушат спомениците, Брисел шахти, ставаа нови натписи и што ли не. Она што народот го знае е дека спомениците и сите проекти од т.н. проект ‘Скопје 2014’ се создаваа со огромна љубов и патриотски чувства на чинителите, а ако за некој поединец тврдат дека нешто проневерил, треба да понудат на јавноста и судот цврсти и многу реални докази за тоа, а не прес-конференции на незавршени истраги и со општи флоскули, темпирано во време кога треба да се ‘испере задникот’ на оној кој им дал инструкција токму сега да говорат за ова, со цел да ги заташкаат криминалите на поединци од власта на која и се лојални и за која спроведуваат безброј политички прогони и со намера да им дозволат барем ден-два полесно да дишат на скриените преплашени политичари и ‘големи водачи’ зад овој циркус, кој кога здраворазумниот народ ги слуша нивните небулозни изјави често се прашува: ‘на кои дроги се овие луѓе’ и дали е можно да се толку ниско интелигентни за да не сметаат нас народот за толку неинтелигентни”,
прашува Груевски.
Своето обраќање на Фејсбук, Груевски го завршува со постскриптум во кој порачува:
„Би сакал сега да ме погледнат во очи оние што до вчера пуштаа лажни информации за некаков мој договор со власта и слични ниски лажни информации од исплашени политичари“.
Што е „Феникс“
Листата осомничени во случајот „Феникс“ ја сочинуваат 15 физички и пет правни лица. Прв е експремиерот Никола Груевски, додека втор е вицепремиер и министер за финансии во неговата влада, Зоран Ставрески. Третоосомничена е поранешната министерка за култура Елизабета Канческа-Милевска.

Листата понатаму продолжува со бившиот претседател на Советот на Општина Центар Владимир Здравев, како и двајца поранешни градоначалници на оваа општина – Владимир Тодоровиќ и Виолета Аларова. Тука се и екссекретар на Центар, сопственици и управители на фирми кои биле дел од тендерите, а има и еден италијански државјанин. Од осомничените седум фирми, пак, четири се од земјава, а три од Италија. Кривичните дела кои се предмет на истрагата се злоупотреба на службената положба и овластување и перење пари.
Вчеравечер судија на претходна постапка му одреди куќен притвор на поранешниот градоначалник на Општина Центар, Владимир Тодоровиќ. Домашен притвор му е определен и на лицето Т.Д., а четири други лица добија 30-дневен притвор, меѓу кои е и поранешниот претседавач на Советот на Општина Центар, Владимир Здравев.
