Вкупно 15 физички и седум правни лица се осомничени во истрагата што Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) ја отвори, а е поврзана со проектот „Скопје 2014“
Судија на претходна постапка му одреди куќен притвор на поранешниот градоначалник на Општина Центар Владимир Тодоровиќ, информираат од Основниот Кривичен суд во Скопје. Домашен притвор му е определен и на лицето Т.Д., а четири други лица добија 30-дневен притвор, меѓу кои е и поранешниот претседавач на Советот на Општина Центар, Владимир Здравев.
„Судија на претходна постапка, по произнесување на осомничените кои беа спроведени пред судот, во присуство на нивните бранители, во однос на предлогот на ЈО за определување мерка прирвор, донесе решеноја со кои на В.Т. и Т.Д. им определи мерка куќен притвор, додека на Љ.Б., В.З., А.З. и З.П. им определи мерка прирвор, за сите во траење од 30 дена. Против овие решенија странките имаат право на жалба пред Кривичниот совет“,
информираа од Кривичен.
По излегувањето од судот, Тодоровиќ во изјава за медиумите кратко изјави дека не се чувствува виновен.
Вкупно 15 физички и седум правни лица се осомничени во истрагата што Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) ја отвори, а е поврзана со проектот „Скопје 2014“.
Обвинителот Љубомир Лапе денеска презентираше детали за случајот, при што рече дека „Скопје 2014“ е сложен предмет, а оваа истрага се однесува само на 11 споменици. Станува збор за следните споменици: „Воинот на коњ“, лавовите – архаични и класични, „Даме Груев“, „Гоце Делчев“, „Никола Карев“, „Методија Андонов – Ченто“, „Цар Самоил“, „Гемиџии“, „Цар Јустинијан“, „Првото заседание на АСНОМ“ и „Основачите на ТМРО“.
Првоосомничен во случајот, кој е со кодно име „Феникс“, е поранешниот премиер Никола Груевски, второосомничен е ексвицепремиерот и министер за финансии во неговата влада Зоран Ставрески, а на листата се и поранешната министерка за култура Елизабета Канческа-Милевска, двајца поранешни градоначалници на Општина Центар – Владимир Тодоровиќ и Виолета Аларова и поранешниот претседател на Советот на Општина Центар, Владимир Здравев. Меѓу осомничените е и еден државјанин на Италија и три италијански фирми.
Кривичните дела на кои се однесува оваа истрага се злоупотреба на службената положба и овластување и перење пари.
