Веќе се одржаа три церемонии за почеток на градба на коридорите 8 и 10-д откако Јавното обвинителство за гонење организиран криминал отвори случај за надзорот. Предметот е во предистрага, велат од обвинителството кое го води Ислам Абази
Три месеци не беа доволни и за Министерството за транспорт и врски да одговори – дали има друга фирма што добила лиценца А за надзор за три работни дена како една од добитничките на тендерот за надзор – „Електра солушнс“
„По четири недели читање на новинарски истражувања, Обвинителството се охрабри и отвори предмет за надзорот над коридорите 8 и 10-д“,
објави на 28 март ТВ Телма.
„За да се испитаат тврдењата изнесени во јавноста, отворен е предмет врз основа на допрен глас“,
објави на 28 март ТВ Сител.
„Предметот е распределен кај надлежен обвинител кој презема дејствија и ќе изврши проверки, по што ќе донесе јавнообвинителска одлука за понатамошниот тек на постапката, велат од Обвинителството“,
објави на 28 март ТВ Канал 5.
Ова беше главната вест на домашните медиуми на 28 март годинава. Оттогаш поминаа два и пол месеци. И повеќе од доволно време за да прашаме – што провери и што откри Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал.
Ова се прашањата што ги поставивме:
- Во која фаза се наоѓа предметот во моментов?
- Дали е извршен распит на лице/лица во врска со предметот?
- Дали се наредени вештачења или се прибрани докази во врска со предметот?
- Дали е донесена јавнообвинителска одлука во врска со предметот?
- Доколку досега не е донесена јавнообвинителска одлука, дали ОЈО за ГОКК може да одговори – кога може да се очекува такво нешто?

На овие прашања, од Обвинителството ни одговорија дека предметот е во предистражна постапка.
„Јавниот обвинител што постапува по предметот ги обезбеди броевите на огласите од сите јавни набавки поврзани со коридорите 8 и 10-д и обезбеди пристап до базата на податоци на Бирото за јавни набавки и во моментов оваа документација и Договорот се предмет на анализа на истражниот тим истражители од Истражниот центар на ОЈО ГОКК што постапува во предметот“,
одговорија од Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
Бидејќи документацијата била обемна, од Обвинителството за гонење организиран криминал велат дека ќе им биде потребно време за анализа и проверка.

За потсетување, токму „360 степени“ објави серија истражувачки стории во врска со јавната набавка на консултант и надзор над изградбата на автопатските делници од коридорите 8 и 10-д, пред Обвинителството да отвори предмет. Некои од нашите главни наоди беа:
- Дека во избраната понуда, сумите за месечен надомест за експертските позиции се, благо речено, „надуени“. На пример, на автопатот Скопје – Блаце, главен надзорен инженер чини 2 900 евра месечно, надзорен инженер за животна средина чини 1 600 евра а геометар чини 1 300 евра месечно.
- На коридорите 8 и 10-д, главен надзорен инженер чини 20 000 евра месечно, надзорен инженер за животна средина чини 1 600 евра, а геометар чини 5 600 евра месечно.
- Понатаму, покажавме и дека потпишаниот договор е во колизија со законите на класичната физика. Во договорот за надзорот, фирмата „Електра солушнс“ декларирала дека има 27 перманентно вработени инженери. Но, потоа откривме дека во годината кога е потпишан договорот, според Централниот регистар, фирмата прикажала само двајца вработени во просек. Па, потоа „Електра солушнс“ ни испрати список, според кој, најголем дел од нејзините „вработени“ се ангажирани „без огласување, во дополнително работно време над 40 часа“. Тоа значи дека тие луѓе работат 40 часа неделно во други фирми, а во „Електра солушнс“ имаат право да работат најмногу десет часа во неделата.

Проблемот со тој начин на ангажман е што и во понудата и во договорот за надзорот, фирмите добитнички се имаат обврзано дека експертите кои ги предложиле ќе бидат постојано на располагање на изведувачот на автопатите и тоа на терен. А како ќе бидат цело време на терен ако 40 часа неделно работат во други фирми и не можат да бидат на две места истовремено? И не само тоа, откривме и дека дел од предложените експерти, всушност, се обврзани дека ќе бидат 100% на располагање на други патишта што се градат во моментов.

Уште еден навидум мал, но интересен детаљ од целата сторија за надзорот, е што една од фирмите од добитничкиот конзорциум немала лиценца кога бил отворен тендерот. Фирмата „Електра солушнс“ собрала луѓе и документација откако огласот бил распишан.
Кога „360 степени“ праша во ресорот на Благој Бочварски, кога „Електра солушнс“ побарала, а кога ја добила лиценцата, го добивме следниот одговор:
„ Компанијата ‘Електра солушнс’ поднела барање за издавање на лиценца А-надзор на 27.9.2022 година. Истата лиценца е издадена на 3.10.2022 г.“,
одговорија на 10 март 2023 година од Министерството за транспорт.

Во 2022 година, 1 и 2 октомври беа викенд, што значи дека „Електра солушнс“ ја добила лиценцата за три работни дена, ако се исклучат денот на поднесување и на издавање на лиценцата.

Алсат: Јас вадев лична карта пред извесно време и ми требаа 10 работни дена… Како може една фирма да добие лиценца за да биде надзор за четири дена?
Благој Бочварски: Значи, најпрвин, сакам да потенцирам дека надзор на изградбата на Коридорот 8 и Коридорот 10-д е компанијата ИРД од Италија…
Алсат: За четири дена, дали друга фирма има добиено лиценца во историјата?
Благој Бочварски: Од друга страна, сакам само да потенцирам дека ИРД е компанија која е реномирана италијанска компанија и работи на многу проекти во државата.
На ова гостување на ТВ Алсат пред два месеци министерот Благој Бочварски беше прашан вкупно четирипати – дали некоја друга фирма добила А-лиценца за надзор толку брзо како „Електра солушнс“. Четирипати тој избегнуваше директен одговор.
Уште тогаш почнавме постапка да ги обезбедиме податоците согласно Законот за пристап до информации од јавен карактер. Побаравме список на сите компании што добиле таква, лиценца А за надзор, заедно со датум на кој аплицирале и датум на кој ја добиле.

На нашето барање Министерството за транспорт и врски одговори дека бараните информации ги има на нивната интернет-страница. Тоа е само делумно точно бидејќи во јавно достапниот регистар на лиценци пишува кога правните лица добиле лиценца, но нема податок – кога тие правни лица ја побарале лиценцата. Се жалевме и го добивме спорот пред Агенцијата за заштита на правото за слободен пристап. Тие го поништија првичното решение и побараа транспорт да одговори соодветно.
Но, и во повторената постапка Министерството не го сподели податокот – кога аплицирале фирмите што имаат добиено А-лиценца за надзор. Објаснувањето овој пат беше:
„Податоците од регистарот се прикажуваат одвоено по години и тие не содржат податок за тоа кога било поднесено барањето за нивно издавање. Дополнувањето на овој податок би значело создавање нова информација“,
пишува во решението на Министерството за транспорт од 11 мај 2023 година.
„360 степени“ поднесе нова жалба до Агенција и чека ново решение. Основата е едноставна – токму Министерството за транспорт во март ни одговори кога „Електра Солушнс“ побарала и кога добила лиценца. Ако еднаш не беше проблем да се сподели таков податок, што е толку тешко сега?

Дали воопшто е почнат надзорот и дали им се исплатени пари – од Јавното претпријатие за државни патишта не ни одговорија. А веќе видовме, Министерството за транспорт го одбегнува одговорот – дали некој друг толку брзо добил лиценца А за надзор како „Електра Солушнс“.
И додека, како што велат од Обвинителството – работат на случајот – се одржаа три церемонии за почеток на изградба на коридорите, а со тоа, најверојатно, и за почеток на надзорот. Кучињата лаат, карванот си врви, гласи една стара народна.