Не знам уште колку време ќе треба останатите (членови на Судски совет, н.з.) да сфатат дека веќе ‘ѓаволот ја однел шегата’ и дека навистина мора да преземат одговорност и да престане оваа драматургија со настаните во Судскиот совет – вели новинарот на БИРН и претседател на Судско-медиумскиот совет
Кога своевремено американскиот амбасадор Џес Бејли ги искритикува членовите на ДИК за дополнително поделените бонуси, тие си поднесоа оставки. Сега, кога холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп жестоко ги критикува состојбите во Судскиот совет, никој не сака да го слушне – коментираше новинарот на БИРН и претседател на Судско-медиумскиот совет, Васко Маглешов, во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат.
„Не знам уште колку време ќе треба за останатите да сфатат дека веќе ’ѓаволот ја однел шегата’ и дека навистина мора да преземат одговорност и да прекине оваа драматургија со настаните во Советот“,
вели тој.

На прашањето дали на сцена е обид за превласт во Советот на групација блиска до ДУИ и на две други групи блиски до СДСМ, Маглешов рече дека во СДСМ, најверојатно, има фракции и дека таа интерна поделеност се отсликува врз работата на Судскиот совет
„Сега албанското крило е внатре и зависно од тоа кое од другите две крила ќе натежне, дали едното или другото крило од СДСМ, таков ќе биде изборот. Впрочем, поранешната претседателка Весна Дамева така беше разрешена, со гласовите на едното крило кое, условно речено, ја има поддршката на СДСМ, со албанските гласови во Советот. Тоа натежна таа да биде разрешена од функцијата“,
вели Маглешов.
За тезата дека последната серија тензии и скандали започна од седницата на 26 април, кога наместо да се формира комисија за утврдување одговорност на Енвер Беџети, судијата што во Апелацискиот суд со месеци го чуваше во фиока предметот „Таргет-тврдина“ за масовното незаконско прислушување, се премина кон разрешување на Дамева, Маглешов се осврнува на „квантниот скок во кариерата на Е. Беџети“.

„Со само две години судиски стаж во основен суд, Беџети беше избран за апелационен судија. Во судиските кулоари тоа се толкува на еден начин на кој, практично, судии кои имаат по 10, 15 или 20 години судиски стаж не можат да стигнат да станат апелациони судии, некои од нив и се пензионираат како првостепени судии, меѓутоа очигледно овој судија не застанува и има амбиција да стане врховен судија. Поднесе кандидатура, односно се јави на огласот за да биде унапреден и практично тука се две точки на топење – едната е комисијата што треба да утврди одговорност за постапувањето односно непостапувањето во предметот ‘Таргет-тврдина’ или несовесното постапување, и втората е неговиот избор во Врховниот суд како врховен судија“,
вели Маглешов.
Тој нагласува дека примерот со судијата Беџети не е единствен и дека има други судии што со само две или три години судиски стаж или без воопшто стаж стануваа дел од повисоките судови.
„Не е само Енвер Беџети во приказната, тој е практично на врвот на ’ледената санта’. Има уште две други имиња кои се во некаква позадинска игра на Судскиот совет. Едниот е актуелен врховен судија за кого исто има отворено постапка за утврдување одговорност и вториот е судија од внатрешноста, кој исто така има амбиции да биде повисок судија, односно апелационен судија“,
вели Маглешов.
Наодите од истражувањето „Проценка на ризиците од корупција во правосудството во Северна Македонија“, кои беа презентирани неделава, пакажаа дека огромен процент од анонимно анкетираните судии и обвинители немаат доверба во начинот на кој Судскиот и Советот на јавни обвинители ја остваруваат својата уставна и законска улога.
Ова е само продолжување на спиралата лоши вести и скандали продуцирани во судството и обвинителството во последните месеци, чија последна фаза, се чини, почна со тензичната седница на Судскиот совет на 26 април, кога беше констатирано дека Весна Дамева е разрешена од претседателка на Судскиот совет иако за таа одлука гласаа само седум члена, а изборот се врши со минимум осум гласа. На таа седница на Советот, всушност, требаше на дневен ред да биде формирање комисија за утврдување одговорност на апелацискиот судија Енвер Беџети.
