Издадена е наредба да се изврши разговор со педагогот и психологот во училиштето, како и распит со мајката. Центарот за социјална работа, пак, треба да провери дали во своите архиви има некакви евиденции за ова семејство

Првото основно јавно обвинителство во Белград соопшти дека по службена должност оформило предмет во врска со масакрот во основното училиште „Владислав Рибникар“ во кој беа убиени 10 лица (девет ученици и чуварот), а со цел да се утврди дали има одговорност кај мајката на детето убиец. Ќе се утврдува дали мајката може да одговара за кривичното дело запуштање и злоупотребување малолетно лице.
Обвинителството бара од полицијата да се изврши разговор со педагогот и психолог во училиштето.
Исто така, издадена е наредба да се направи распит на мајката и да се преземат сите други неопходно мерки за утврдување на состојбата.
„Исто така, на Градскиот центар со социјална работа наложено е да направи дијагностичка процена за функционирањето на семејството на малолетниот К.К. и за тоа да достави извештај до обвинителството со цел да се утврди дали ова семејство од претходно се наоѓа во евиденцијата на центарот“,
пишува во соопштението на белградското обвинителство.
Откако ќе се преземат овие активности, од обвинителството најавуваат дека ќе ја известат јавноста за понатамошниот тек на постапката и одлуките што ќе се донесат.