Коментирајќи ги тестовите за коронавирус, директорката на Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД), Висара Риза, на прес-конференција изјави дека не постојат тестови за ковид-19 кои не се регистрирани во државава.
Таа појасни дека едно правно лице има побарано регистрација на тестови до МАЛМЕД, но тоа се однесува на имунолошки тест, кој детектира антитела, а не присуство на вирус.
„Во државата нема тестови за коронавирус коишто не се регистрирани, но сакам да дополнам дека покрај тестовите кои што служат за одредување на присуство на вирусот во организмот, постојат и имунолошки тестови. Едно правно лице има доставено барање до МАЛМЕД за запишување во регистарот за медицинските помагала и истата е во тек“,
рече Риза.
Имунолошките тестови периодов беа предмет на дебата за тоа дали даваат кредибилни резултати.
Министерот за здравство, Венко Филипче во неколку наврати изјави дека имунолошките тестови детектираат антитела, а не и присуство на вирусот, па затоа секој позитивен резултат од имунолошкиот тест задолжително треба да се повтори и во Институтот за јавно здравје, за да може да се каже дали во лицето во моментот е присутен вирусот и дали може да ја прошири болеста.