Пендаровски кој во улога на аналитичар се служи со народни мудрости, наместо да каже што ќе преземе. Јас го повикувам да не се крие позади Собранието и да излезе да се одважи и тие законски решенија кои ќе дојдат кај него да не ги потпише. Да не го суспендираме правниот поредок во државата и Уставот и еднаш во овие пет години како претседател да одработи во интерес на граѓаните и државата, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски го повика претседателот на државата Стево Пендаровски да не ги потпишува законите поврзани со изградбата на коридорите 8 и 10-д кои се во собраниска процедура.
Мицкоски денеска во одговор на новинарски прашања рече дека она што загрижува е тоа што целиот процес околу изградбата на коридорите се одвива нетранспарентно и јавноста нема увид во договорот.
Со изјавите, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Пендаровски практично ги амнестира владата на ДУИ поддржана од помалиот коалиционен партнер СДСМ за потенцијалниот криминал кој ќе го прават за тој проект за изградба на Коридорот 8 и Коридорот 10-д.
„Сега излегуваат со некакви соопштенија каде што велат дека не се плаќаат пенали, туку биле дополнителни трошоци. Човек да не може да се изначуди на нивната глупост на отворена сцена. Затоа го имаме Пендаровски кој во улога на аналитичар се служи со народни мудрости, наместо да каже што ќе преземе. Јас го повикувам да не се крие позади Собранието и да излезе да се одважи и тие законски решенија кои ќе дојдат кај него да не ги потпише. Да не го суспендираме правниот поредок во државата и Уставот и еднаш во овие пет години како претседател да одработи во интерес на граѓаните и државата“,
изјави Мицкоски при денешната посета на општина Аеродром.
Осврнувајќи се на вчерашната изјава на претседателот на државата дали ќе се кандидира на следните претседателски избори, Мицкоски рече дека Пендаровски со неговите изјави не престанува да се нуди на владејачката коалиција СДСМ и ДУИ мислејќи дека ќе биде повторно претседателски кандидат.
„Морам да го разочарам дека тој е најпосакуваниот противник за опозицијата на следните претседателски избори бидејќи сигурно ќе доживее дебакл од граѓаните и ќе изгуби, така што сите овие гимнастики и салта на отворена сцена не му доликуваат и не му личат бидејќи сепак има некакво портфолио на политичката сцена и треба достоинствено уште овие неколку месеци да ги одработи и да замине во историјата како еден лош пример како треба еден претседател да се однесува на една држава“,
нагласи Мицкоски.
Во однос на ставот на Владата за продолжување на работните часови од 40 на 60 часа, Мицкоски рече дека вчерашниот владин одговор не заслужува никаков коментар, но посочи дека тоа е кривично дело.
„Ќе го повторам она што го кажав, се срамам поради нивниот срам. Тоа што тие го кажуваа вчера не заслужува буквално никаков кометар, но сакам уште еднаш да ги предупредам, дека свесно ја ставаат државата во подредена положба. Тоа е кривично дело и не знам, ќе повторам, колку сериозно ме сфаќаат, но за ова кривично дело од првиот до последниот ќе одговараат. Идната влада на ВМРО-ДПМНЕ има намера во детал да навлезе во ова што тие го превземаа како обврска и бидејќи ја ставаат свесно државата во подредена улога, а со тоа и ги уништуваат народните ресурси, јас јавно кажувам еве повторно, вчера го кажав тоа и денеска ќе го кажам, ќе одговараат. За ова има да одговараат“,
рече Мицкоски.
Запрашан за коментар за тоа што роднините на болните од цистична фиброза молат за набавка на лекот „трикафта“ Мицкоски укажа дека треба да се увиди колку луѓе може да се третираат со лекот кој им е потребен ако се земе во предвид тоа што владата ќе плаќа 53 милиони евра пенали на приватна компанија.
„Замислете колку луѓе може да се третираат со лекот од овие 53 милиони евра да речеме, пенали кои што владата свесно ги превзела да ги плати на приватната компанија затоа што свесно знае дека Уставниот суд веќе донел одлука за неможност односно оспорување на одлуката за зголемување на работната недела од 40 на 60 работни часа. Замислете со овие 53 милиони евра колку луѓе можат да бидат третирани и со оние два милиони евра дополнителни пенали кои што исто така на месечна основа ги имаат превземено можат да се третираат овие пациенти“,
рече тој.