Со контролата на ДПИ се опфатени увозници на зеленчук и овошје во Скопје, а влезено е и на Кванташкиот пазар. Надзори се вршат и кај увозниците на големо во Струмица, Дебар и други градови, информираат од Инспекторатот

Од утринава над 30 инспектори на Државниот пазарен инспекторат се на терен на територијата на цела држава и вршат контрола на увозниците на зеленчук и овошје. Инспекторите на ДПИ постапуваат во координација со Управата за финансиска полиција и Управата за јавни приходи.
Со контролата на ДПИ се опфатени увозници на зеленчук и овошје во Скопје, а влезено е и на Кванташкиот пазар. Исто така, се вршат надзори и кај увозниците на големо во Струмица, Дебар и други градови, информираат од Инспекторатот.
Како што вели директорот на ДПИ, Горан Трајковски, во случај инспекторите да утврдат прекршување на одлуките ќе следуваат казни кои произлегуваат од Законот за трговија.
Од Државниот пазарен инспекторат велат дека акцијата ќе трае во текот на целиот ден, а информации за исходот ќе бидат објавени в понеделник. Од ДПИ најавуваат дека контролите ќе продолжат и во текот на наредниот период.
На предлог на Министерството за економија, Владата донесе одлука трговците и увозниците кои продаваат овошје и зеленчук да прибавуваат и да продаваат 70 отсто од количествата што ги продавале во јануари и февруари.
Вчера, пак, министерот за економија Крешник Бектеши најави дека цените на овошјето и зеленчукот, кои од средата беа замрзнати, идната недела ќе бидат коригирани и ќе има мало зголемување или намалување, но ниту еден од производите кои се дел од овонеделната владина одлука, нема да има цена повисока од 100 денари.
Тој додаде дека корекцијата ќе биде процентуално, односно колку се зголемени цените на увозот на одредени производи, процентуално ќе се зголеми и цената која е замрзната. Корекцијата ќе биде според тоа како се прикажани цените на царина од 28 март досега.
Бектеши рече и дека согласно сите податоци, од страна на Министерството за економија е утврдено дека повеќето од увозниците во последните месеци давале други фактури во Царината, а биле други фактурите со кои ги купувале производите во државите од регионот. Тие сакале да избегнат царински давачки и затоа Царинската управа добила задача да направи детални контроли и да ги споредат со нивните колеги од другите држави.
Во однос на евентуалните двојни фактури од увозниците, министерот ги потсети дека затајување данок над 10 000 евра е кривично дело и тој очекува дека Царинската управа докрај ќе постапи согласно нејзините надлежности.
Владата оваа недела донесе одлука за замрзнување на цените на 11 вида овошје и зеленчук. Во одлуката на Владата се вели дека доматите треба да се продаваат за најмногу 70 денари. Највисоката цена на свежите краставици да биде 75 денари, на кромидот 60, карфиолот 70, пиперките 90 денари. Цената на гравот да не е повисока од 75 денари, а на леќата од 110 денари. Кај овошјето, бананите треба да бидат со цена од 70 денари, мандарините 60, а највисоката цена на портокалите и лимоните да е 55 денари.