Дополнителниот замени-министер за земјоделство Цветан Трипуновски не се согласува со одлуката да се укине забраната за извоз на брашно што беше воведена поради вонредната состојба, а за која денеска информираше министерот за економија Крешник Бектеши по средбата со мелничарите.
„Зошто не смее да се дозволи извоз на брашно: Македонија е држава која и сама увезува пченица за задоволување на сопствените потреби. Никој не знае каква ќе биде реколтата годинава, ниту во нашата држава ниту во светот. Секое зрно е важно. Може да се јави забрана за увоз на пченица, со што ќе нема како да се произведе брашно за македонскиот пазар, а големиот извоз ќе предизвика намалување на домашните резерви и поскапување на цените“,
пишува Трипуновски на Фејсбук.
Според Бектеши, пак, одлуката е донесена по средба со мелничарите откако утврдиле дека, како што рече, оваа индустрија во моментов работи одлично и дека резерви има и во приватните млинови и во стоковните резерви. Одлуката се очекува да биде потврдена на следната владина седница.