Ќе се укине забраната за извоз на брашно што беше воведена поради вонредната состојба, соопшти денеска министерот за економија Крешник Бектеши по средбата со мелничарите.
Одлуката е донесена откако е утврдено дека мелничката индустрија работи одлично во моментов. Како што рече Бектеши, резерви има и во приватните млинови и во стоковните резерви, а увозот на пченица во целото опкружување е дозволено.
Оваа одлука се очекува да биде потврдена на следната владина седница.
„Согласно сите податоци, мелничката индустрија работи одлично во моментов. Се отвора простор да ја измениме одлуката за забрана за извоз на брашното која беше воведена поради вонредната состојба“,
рече Бектеши.
Тој смета дека Владата донесе исправни одлуки откако беше прогласена вонредна состојба поради коронавирусот.
„Немаме проблеми со снабдување со брашно, ниту покачување на цените. Ги заштитивме домаќинствата“,
потенцира министерот.
Дополни и дека на средбата со мелничарите се разговарало и околу други мерки кои би им овозможиле да бидат по конкурентни.
„Ги следиме сите случувања, посебно со цените и снабдувањето репроматеријали за основните производи. Така и ќе продолжиме за да овозможиме навремено снабдување, квалитет и незголемување на цените“,
рече Бектеши.
Претседателот на Групацијата на мелничко-пекарската индустрија при Стопанската комора, Горан Малишиќ, изрази задоволство од донесената одлука на средбата.
„Имавме правен проблем околу одлуката, но верувам дека го надминавме. Очекуваме Владата да ги донесе измените најдоцна во понеделник. Резервите се доволни, увозот на пченицата во целото опкружување е дозволен. Во одлуката се наведени производите, а не суровините поради што се случи блокада“,
истакна Малишиќ.
Тој претходно во изјава за МИА соопшти дека мелничката индустрија била целосно во застој. Нарачки од домашните трговци немала, тие продавале главно српско брашно по повисоки цени зашто одлуката тоа го дозволувала.