Старите хеликоптери на Армијата се од типот „ми-24“ кои се произведени пред речиси 30 години во Советскиот Сојуз. Тие ќе ѝ бидат донирани на Украина, а началникот на Генералштабот вели дека тоа воопшто не ја нарушува борбената готовност на Армијата
Армијата на Северна Македонија ќе се поднови со осум нови хеликоптери кои ќе бидат на западна платформа. Тоа е предвидено и во планот за развој за периодот 2019-2028 година.
Ваквите планови, но и одлуката за донација на старите хеликоптери на Украина, беа меѓу темите на денешниот брифинг во Министерството за одбрана.
Понуди за нови хеликоптери има од земји сојузнички во НАТО, како САД, Франција, Германија и Италија.
„Во планот за развој на армијата 2019-2028 се предвидува набавка на осум хеликоптери. Процесот тече, досега се добиени понуди од различни производители од САД, Франција, Германија. Италија … Трае евалуацијата, па после ќе се формира комисија која ќе решава“,
рече министерката за одбрана Славјанка Петровска.
На пример, италијанската понуда е за хеликоптерите „леонардо“. Тие се за екипаж од еден или двајца пилоти, а зависно од типот имаат капацитет за од 8 до 18 патници.
Максималната брзина што може да ја развијат е околу 310 километри на час, долги се од 14,65 до 17,57, а тежат од 4 800 до 7 000 килограми.

Пред една недела, министерката во гостувањето во емисијата „360 степени“ најави дека интегрираниот тим што ја прави евалуацијата, веќе во април треба да достави извештај за понудите. Таа тогаш нагласи дека хеликоптерите што ќе се купат ќе имаат првенствено транспортна, а не борбена улога и намерата е да бидат повеќенаменски – освен за одбраната, да се користат и за цивилна заштита и спасување.
Досега Армијата располагаше со 12 хеликоптери „ми-24“ кои се купени во 2001 година од Украина, а се произведени во Советскиот Сојуз уште во 1984 година. За овие хеликоптери, без да се прецизира бројка, на последната владина седница, како што беше најавено, беше донесена одлука да ѝ се донираат на Украина.
Според информациите од одбрана, од старите хеликоптери „ми-24“ кои ги поседува Армијата, два се ремонтирани, четири се модифицирани, но не се употребуваат, што значи дека корисни се само два.
„Стојам целосно зад таа одлука да ѝ се донираат ‘ми-24’ на Украина. Тие хеликоптери и нивната донација воопшто не ја нарушува подготвеноста на армијата. Набавки на повеќенаменски хеликоптери ќе следуваат, и тоа од западна платформа“,
вели началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски.
Одлуката за донација следуваше откако претходно Украина побарала ваков тип помош, по што тим во Генералштабот направи анализа и даде препорака за донацијата. Со оглед на сензитивноста на темата, како што претходно најави Петровска, информациите за тоа кога и на каков начин „ми-24“ ќе летаат за Украина засега ќе останат класифицирани.