Граѓаните што случајно или, пак, намерно се најдоа во истиот маркет во кој утринава пазареше Ковачевски му замерија на премиерот бидејќи не го забележуваат ограничувањето на цените. Забележаа оти цените се превисоки, а дека поради ниските примања не можат да си ги подмират основните потреби
За помалку од еден месец премиерот Димитар Ковачевски денеска третпат јавно го документира своето пазарење во еден од скопските маркети.
Во друштво на министерот за економија Крешник Бектеши и директорот на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ), Горан Трајковски, премиерот од прва рака проверуваше дали се почитуваат владините одлуки за замрзнување на цените на дел од основните продукти.
Граѓаните што случајно или, пак, намерно се најдоа во истиот маркет во кој утринава пазареше Ковачевски му замерија на премиерот бидејќи не го забележуваат ограничувањето на цените.
„Цениве се до плафон. Со поевтинување два денари кај макароните и денар кај јајцата кои беа 99 денари – тоа не е мерка. Тоа ли е поевтинување? Многу тежок дојде животот. Не можеме ниту лекарства да купиме“,
му се пожали пензионерка на премиерот.
На ова, како оправдување на покачените цени, Ковачевски возврати оти поскапувањата се поради војната во Украина, а потоа ги наброја сите одлуки што Владата изминатиов период ги донесе во однос на замрзнување на дел од продуктите за, како што рече, да им се излезе во пресрет на граѓаните.
„Точно е дека цените тука, но и секаде беа зголемени затоа што се води војна во Украина. Она што направивме прво е ги замрзнавме цените на дел од производите. Вие ги спомнавте макароните, нив ги намаливме за 15 отсто. Млечните производи, кои се најосновни продукти, ги намаливме за 10 отсто. Ги замрзнавме цените на јајцата и на оризот. Таму каде што не можевме да стигнеме до џентлменски договор, како Влада донесовме одлуки“,
ѝ одговори Ковачевски на постарата госпоѓа што пазареше во маркетот.
Пензионерката му замери на премиерот и за ниските пензии, а тој, пак, рече дека Владата интервенирала и во оваа насока и дека пензиите се зголемени.
„Само сега во март пензиите се зголемија за 8,4 проценти. Ние контактираме на дневна основа со претседателката на Асоцијацијата за здружение на пензионери за да може да ги зголемуваме пензиите и во иднина, затоа и ја направивме методологијата. Кризно време е, но целиот буџет го користиме за такви работи“,
потенцира премиерот.
Одговарајќи на новинарски прашања по обиколката на маркетот, еден од новинарите му покажа на Ковачевски две фотографии и го праша дали гледа разлика меѓу нив. На една од фотографиите беше фотографиран тој, а на другата експремиерот Никола Груевски, но и двајцата фотографирани во ист амбиент – во маркет.
На ова премиерот рече оти гледа голема разлика меѓу двете фотографии.
„Гледам голема разлика бидејќи јас доаѓам третпат во разни маркети. Не треба никаков ПР-експерт за да отидете во маркет. Вие гледате дека јас кога доаѓам во маркет, тогаш купувам тоа што ми е потребно и дополнително со министерот за економија го потврдуваме она што сме го донеле како одлука дали се почитува или не. Втора разлика е тоа што ние денес живееме во услови на најголема економска и енергетска криза што Европа ја имала по Втората светска војна, а претходните влади живееја во услови на економски просперитет, а практично ништо не направија за државата“,
рече Ковачевски.
Зачестените обиколки во маркети на премиерот Димитар Ковачевски, со кои тој од прва рака проверува дали се почитуваат владините одлуки за замрзнување на цените на дел од основните продукти, минатата недела беа повод на прес-конференција во Владата да биде поставено прашањето кој го смислува ваквиот пиар.
Новинарот што го постави ова прашање потоа ги спореди ваквите активности на премиерот со слични кои ги правел и претседателот на Северна Кореја, Ким Џонг Ун.
Ковачевски, пак, кажа оти ваквата констатација не е во ред, а потоа и тој направи споредба со Северна Кореја и му порача на новинарот оти да бил таму не би можел ниту да постави прашање.