Извештајот на Државниот санитарен и здравствен инспекторат доаѓа откако денеска беше извршен вонреден инспекциски надзор во ЈЗУ Клиничка болница „Д-р Трифун Пановски“ Битола – одделение за педијатрија, каде што е извршен увид во медицинската евиденција и документација која се води на одделението во рачна и електронска форма, а обезбедени се и изјави на дел од здравствените работници кои учествувале во лекувањето и третманот на детето
Не се констатирани недостатоци во рамките на надлежноста на Државниот санитарен и здравствен инспекторат по извршениот вонреден инспекциски надзор во битолската Клиничка болница. Оваа информација ја објави ДСЗИ на својата веб-страница по извршениот вонреден инспекциски надзор откако пред два дена на одделението за педијатрија во оваа Клиника беше примена шестгодишната Јана Христовска од битолското село Кравари, која во текот на денот почина во болнички услови.
Во информацијата од Инспекторатот детално е објаснето низ што сè поминало девојчето откако било примено во болницата.
„Детето било донесено за преглед на одделението на 22.03.2023 година околу 10 часот без претходен упат од матичен доктор. Била примена на преглед од специјалист педијатар, кој искреирал ‘итен упат’ со дијагноза E86 – дехидратација во 10:07 часот. Добиен е анамнестички податок за покачена температура од пред три дена и болки во грлото, поради што мајката ѝ дала сируп ‘Коалмацин“. Ден пред приемот е без покачена температура, со повраќање во два наврати, а од вечерта и отоци на очните капаци и болка во нозете, по што мајката го прекинала сирупот“,
се објаснува во информацијата од ДСЗИ.
Потоа, се додава во извештајот, од клиничкиот преглед во наодот констатиран е присутен оток на очните капаци, хиперемични лаци во тонзилофарингеална регија и обложен јазик. Потоа, додаваат од ДСЗИ, бил креиран упат за биохемиска лабораторија – уринарен, глуциден и ацидобазен статус, земени биле примероци од крв и урина за анализа и потоа ординирана терапија – „Хипоглусал 1“ – 500 милилитри од кои 250 милилитри биле 5 отсто глукоза и 250 милилитри 0,9 отсто натриум хлорид, како и ампула „Бедоксин“. По добиените резултати, се вели во информацијата од ДСЗИ, во 10:45 часот биле земени проширени анализи – крвна слика, ензимски статус, деградациони продукти, глуциден и протеински статус, електролити и липиден статус.
„По завршување на инфузијата, состојбата се влошила. Дошло до појава на малаксаност, бледило, тахикардија и сомнолентност. Докторката која извршила првично преглед побара помош од вториот присутен педијатар. Детето од дневна болница било префрлено во собата за полуинтензивна нега на одделението и поставено е на монитор и кислородна поддршка. Направени се два ЕКГ-записи во 12:34 и во 12:42 часот и побаран е конзилијарен преглед од анестезиолог од установата. Во меѓувреме детето прави срцев застој, по што е направена реанимација. Извршена е и консултација со специјалисти педијатри од ЈЗУ Универзитетска клиника за детски болести од одделот за кардиологија и за неврологија, за транспорт во таа здравствена установа. По препорака на специјалистот – анестезиолог во болницата се направени дополнителни анализи на ензимскиот и ацидобазниот статус (креатин киназа и тропонин ) во 13:34 и во 13:49 часот. Поради дополнително влошување на состојбата, во 14 часот детето е пренесено во службата за интензивно лекување КАРИЛ каде е направена кардио пулмонална реанимација и дадена е терапија, но без успех. Од страна на анестезиологот е констатирана смрт во 15:20 часот“,
се додава во опширната информација од ДСЗИ.
По изјава на двете докторки – специјалисти педијатри, додаваат од ДСЗИ, по добиените резултати од направените ензимски иследувања за покачени показатели за срцево страдање (креатин киназа и тропонин), била известена мајката на детето за сериозноста на состојбата.
Потоа телото на починатото дете е дадено на обдукција.
Извештајот на Државниот санитарен и здравствен инспекторат доаѓа откако денеска беше извршен вонреден инспекциски надзор во ЈЗУ Клиничка болница „Д-р Трифун Пановски“ Битола – одделение за педијатрија, каде што е извршен увид во медицинската евиденција и документација која се води на одделението во рачна и електронска форма, а обезбедени се и изјави на дел од здравствените работници кои учествувале во лекувањето и третманот на детето.