Министерката за одбрана негира дека оперативци на воената служба за безбедност и разузнавање биле уапсени на Косово поради сомнителни активности, како што објави пратеникот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки. Таа најави дека и за ова ќе го тужи Ковачки како што веќе го тужела за, како што рече, „измислената приказна за мојата наводна хациенда“
Уште една од низата лаги. Вака министерката за одбрана Славјанка Петровска го оквалификува фејсбук-постот на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки, во кој тој пишува дека оперативци на Воената служба за безбедност и разузнавање пред десетина дена биле испратени на задача во Косово од страна на Петровска, но истиот ден биле приведени поради сомнителни активности.
Во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат министерката рече дека обвинувањата се невистинити и дека случајот е целосно измислен.

„Петорвска: Оперативци упатени во поддршка на нашите мисии таму каде што е потребно има секаде. Не само во Косово. Има и во Босна и Херцеговина, ако е потребно, и во било кои други мисии каде што имаме наши припадници.
360°: Дали тие што биле упатени во Косово биле уапсени?
Петровска: Апсолутно не. Ако постои било каков документ, ако постои било какво сознание дека биле уапсени… Прво, тоа е многу политички неумесно обвинување. Да ви бидат уапсени ваши припадници на територија на друга земја значи непријателство меѓу тие две земји, што не е случај со Република Косово, особено не во областа на одбраната. Соработката меѓу двете воени служби е на исклучително позитивно и високо ниво, така што не гледам причина зошто тие би биле уапсени.“
На прашањето дали има пријава дека имало некакви сомнителни активности од оперативци на воената служба во Косово, Петровска одговори дека ако има каков било доказ на кој Ковачки го темели тврдењето, чесно е да го објави.
„Доколку нема таков документ, очекувам да биде доблесен. Инаку, јас можам да излезам во јавноста и да тврдам било што. Мислам дека за да бидеме релевантни во јавноста и да си го обелиме образот дека тоа што го зборуваме е вистина, треба да имаме докази за тоа што го зборуваме“,
додаде таа.
Петровска рече дека Ковачки имал обиди за најзина дискредитација пред неколку месеци со, како што рече, „измислената приказна за мојата наводна хациенда“. Кажа дека за ова веќе поднела тужба за клевета и оти верува дека поради тоа сега Ковачки покажува нервоза.
„Адресата на која се наоѓа наводната хациенда што беше покажувана на фотографии никогаш не била моја адреса и јас никогаш не сум се водела со место на живеење на таа адреса. Да, имам адреса на живеење во Радишани, меѓутоа тоа е парцела веднаш до хациендата што ја покажува“,
рече таа.
Петровска најави дека голема е веројатноста дека ќе го тужи Ковачки и за тврдењето дека биле уапсени припадници на военото разузнавање испратени од неа во Косово.