Ова на денешното судско рочиште го изјави професорот од ФЕИТ, Влатко Стоилков, кој заедно со својот колега Владимир Димчев во предистражната постапка изработил вешт наод за тоа дали модуларните болници биле изградени според проектната задача и согласно барањата на договорниот орган
На денешното рочиште беа сослушани и две медицински сестри кои работеле во модуларната болница во Тетово. На прашањето од авокатите дали во модуларната болница имало противпожарен апарат, една од нив кажа дека имало во работната соба, а другата на истото прашање рече оти мисли дека имало таков апарат
Увид во електричната инсталација на модуларната болница во Тетово, која се запали во септември 2021 година, не бил можен, но увидот во инсталацијата на две модуларни болници од ист тип како тетовската, покажал оти тие биле изведени во согласност со проектот.
Ова на денешното судско рочиште за пожарот во болницата во кој загинаа 14 луѓе го изјави Влатко Стоилков, универзитетски професор на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) при УКИМ.
Стоилков, заедно со неговиот колега од ФЕИТ, професорот Владимир Димчев, во предистражната постапка изработил вешт наод за тоа дали модуларните болници биле изградени според проектната задача и согласно барањата на договорниот орган.

Прашан каква била внатрешната инсталација на модуларната болница во Тетово, Стоилков на денешното рочиште кажа оти фактичката состојба на болницата, која во моментот на предистражната постапка била целосно опожарена, не дозволила да се направи увид во нејзината инсталација.
„По однос на внатрешната инсталација за жал не можевме да извршиме увид во самата болница бидејќи, како што знаете, таа беше целосно опожарена. Затоа направивме увид во две други модуларни болници од ист тип во Гостивари и Кавадарци. Извршивме проверка дали вградената опрема одговара на проектната задача. Утврдивме дека модуларните болници се изведени согласно проектната задача на Светска банка, обврска на договорниот орган“,
истакна универзитетскиот професор на ФЕИТ, Влатко Стоилков.
Еден од адвокатите на одбраната го праша професорот дали при изготвување на наодот извршиле увид на самото место во Тетово, на што тој одговори потврдно.
На денешното рочиште беа сослушани и две медицински сестри кои работеле во модуларната болница во Тетово. На прашањето од авокатите дали во модуларната болница имало противпожарен апарат, една од нив кажа дека имало во работната соба, а другата на истото прашање рече оти мисли дека имало таков апарат.
На минатото рочиште за пожарот во модуларната болница во Тетово, еден од овластените судски вештаци по електротехника кажа дека изведувањето на електричната инсталација во модуларната болница било реализирано со недостиг на голем број документи потребни за ваков тип градба.
Тој кажа дека по наредба на Јавното обвинителство извршил вешт наод за можните индиции за појава на пожар во модуларната болница, при што нагласи дека целата постапка за изведување на електричната инсталација во објектот од почеток до крај не е изведена согласно прописите и правилниците за ваков тип градба.
Судењето за пожарот во тетовската модуларна болница што се случи на 8 септември 2021 г., кога животите ги загубија 14 луѓе, а десетина беа повредени, почна на 7 декември лани откако од септември 2022 дотогаш судскиот процес беше неколкупати одложуван.
Обвинетите, директорите Фљорин Бесими и Артан Етеми, докторот Бобан Вучевски и претставник на Клиничка болница Тетово како правно лице, на почетокот на судењето истакнаа дека го разбираат обвинението, но не признаваат вина и дека не ги сториле делата за кои се товарат.
Наредното рочиште е закажано за 6 април.