Неколкумина позитивни на коронавирусот од Скопје го посочиле осомничениот Ф.К. дека имале контакт со него, јавува Телма повикувајќи се на извори од истрагата.
Според нивните информации, за него имало и пријави од граѓани дека патувал во странство и не се придржува до самоизолација.
Заменик-министерката за внатрешни работи, Славјанка Петровска, вчера информираше дека е поднесена кривична пријава против ова лице врз основа на два члена од Кривичниот законик кои се однесуваат на ширење на заразна болест во време на епидемија.
Полициските инспектори ја почнале истрагата во која откриле дека скопјанецот дал лажен исказ за своето патување во странство.
Јавното обвинителство веќе ја примило пријавата од МВР и отворен е предмет. За случајот ќе се испитуваат лицата кои го посочиле Ф.К. дека имале контакт со него, но ќе се проверува и документацијата од граничните премини.
Полицијата утврдила дека тој лажно сведочел откако неговите родители биле дијагностицирани со коронавирус, а дал лажен исказ и кога полициски службеници го проверувале дали ја почитува самоизолацијата што своерачно ја потпишал на 8 март при влезот на граничниот премин Табановце.
Тој наместо да се придржува до прописите и да се самоизолира, во контнуитет остварувал средби и со неговото семејство и блиските, како и со вработени во неговата фирма.
Неговите родители беа потврдени за заразени на 17-ти и на 18-ти март и во епидемиолошките анкети, и на фејсбук статуси тврдеа дека се заразени од бизнис партнери дојдени од Србија.
Како што јавува Телма, тие тврделе дека немале патување во странство, иако за таткото на сега осомничениот, е утврдено дека и тој патувал во Србија на 6 март.