Осомничениот во континуитет остварувал средби со неговата фамилија и со неговата пријателка со што придонел во ширењето на коронавирусот
Лицето Ф.К., наместо да се придржува до прописите за заштита од ширењето на коронавирусот, спротивно на сите законски мерки и препораки, слободно се движел, остварувал средби и заразил повеќемина.
Како што соопшти денеска заменик-министерката за внатрешни работи Славјанка Петровска, за ова лице е поднесена кривична пријава до Јавното обвинителство, бидејќи ги прекршил членовите 205 и 206 од Кривичниот законик.
„Осомничениот наместо да ги почитува прописите, се однесувал спротивно на одлуките и во континуитет остварувал средби со неговите родители, братот, неговата пријателка, остварувал и средби во фирмата“,
рече Петровска.
Осомничениот на 8 март, 13 минути по полноќ, направил влез на граничниот премин Табановце. Според правните прописи, од здравствена екипа на Институтот за јавно здравје е известен за одлуките на Владата дека е прогласена епидемија од ковид-19 и е обврзан да биде во самоизолација со давање на своерачна изјава каде ќе ја извршува самоизолацијата.
„Од полициски службеници од полициската станица Карпош извршена е проверка и разговор со обвинетиот. Тогаш тој дал изјава дека нема остварено влез и излез од земјава, со што дал лажен исказ. Лицето Ф.К., непочитувајќи ги прописите за заштита од ширењето на заразна болест, заразил повеќе лица и со тоа придонел во ширењето на епидемијата“,
рече Петровска.