Ако немаме директна вклученост на ЕУ, со постојани советници во смисла на инструментот што треба да ни помогне и вклучувањето на САД за да го зголемиме кредибилитетот во овој процес, тогаш верувам дека нема потреба од ветинг. Или ќе влеземе во вистински процес кој ќе го оправда кредибилитетот кон мене и кон министерството и кредибилитетот на јавноста или воопшто не вреди да се започне, рече министерот за правда во интервју за Алсат-М
Министерот за правда Кренар Лога започнал консултации со внатрешни и меѓународни фактори за можните модалитети на ветинг. Тој во интервју за „Програма 200“ на Алсат-М откри дека на средбата со евроамбасадорот во Скопје, Дејвид Гир, го искажал своето мислење дека на земјава не ѝ треба разочарување на граѓаните како што се случи со поранешното Специјално јавно обвинителство. Доколку нема поддршка од ЕУ и од САД, не може да има процес на ветинг, нагласи министерот Лога.
„Со други зборови, на Македонија најмалку ѝ треба поголемо разочарување од тоа што се случи. Ние сме во фаза на контакти и размена на мислења, тоа што го споменав претходно, ќе се избира модалитетот како ќе влеземе во овој процес. Ако немаме директна вклученост на ЕУ, со постојани советници во смисла на инструментот што треба да ни помогне и вклучувањето на САД за да го зголемиме кредибилитетот во овој процес, тогаш верувам дека нема потреба од ветинг. Или ќе влеземе во вистински процес кој ќе го оправда кредибилитетот кон мене и кон министерството и кредибилитетот на јавноста или воопшто не вреди да се започне“,
изјави Лога.
Тој, како што наведуваат од Министерството за правда, додаде дека евроамбасадорот изразил подготвеност директно да се вклучи во овој процес, а потсети дека и американската амбасадорка Анџела Агелер покажала посебен интерес за него.
Една од најитните мерки за враќање на правдата во земјава, според министерот Лога, е зголемување на висината на дисциплината, казните и разрешувањата на судиите.
„Тоа е она што мора да се направи и ќе има средби со судските и обвинителските совети и со главниот обвинител, но и со претседателот на судовите“,
рече министерот за правда.
Според него, на случаите кои имаат јавен сензибилитет треба да им се посвети потребното внимание за овие случаи да ја добијат заслужената казна. Говорејќи на оваа тема, тој спомна еден еклатантен случај како судиите поротници имаат можност да ги саботираат процесите само со повлекување од функцијата и без да сносат никаква одговорност.
„Дури и јас ја споделувам загриженоста на јавноста од овој аспект. Еден од случаите кој е стар две недели, не е толку голем, е дека за судиите поротници кои се дел од правосудниот систем, нема санкционирачка мерка ако се повлечат или отидат и го направат овој преседан и случајот се повторува од почеток. Тие се ставени таму како судии поротници, немаат минимални средства за оваа работа, а ако некој има поголем интерес, може и да им дадат нешто, во финансиска смисла, да го одвлечат или застарат предметот и во овој случај ќе предложиме дури и судиите поротници да достават анкетен лист за имот за и тие да бидат предмет на овој систем и да има кривични мерки доколку го злоупотребат ова право“,
рече министерот Лога.