Има лица што вреди да се разгледаат бидејќи системот во Вашингтон е законски внимателен, му треба време и истражување на наводните криминали за да се осигураме дека на листа нема да ставиме некој што таму не припаѓа. Станува збор за процес што се менува и мислам дека во наредните месеци ќе видиме едно име или две и тоа е процес што ќе продолжи. Не застанува тука, изјави денеска американската амбасадорка во врска со црната листа на САД за корумпирани лица во земјава
Не постои само една, има повеќе видови листи за санкции, изјави денеска амбасадорката на Соединетите Американски Држави (САД), Анџела Агелер, во врска со црната листа на САД за корумпирани лица во земјава, а на која според очекувањата и најавите можно е да се најдат и актуелни функционери.
„Тие листи што се креираат во Вашингтон се многу динамични и не очекувајте дека еден ден ќе чукнеме на врата и ќе кажеме – еве ја листата, завршивме. Тоа е постојан процес, зашто корупцијата во многу форми се случува секој ден. Има лица кои вредат да бидат разгледани бидејќи системот во Вашингтон е законски внимателен, му треба време и истражување на наводните криминали за да се осигураме дека на листа нема да ставиме некој што таму не припаѓа. Станува збор за процес што се менува и мислам дека во наредните месеци ќе видиме едно име или две и тоа е процес што ќе продолжи. Не застанува тука“,
изјави Агелер по посетата на Истражниот центар при Основното јавно обвинителство Скопје, каде што Амбасадата на САД донира компјутерска и техничка опрема.
Таа истакна дека корупцијата во Северна Македонија постои многу долго и тоа не е проблем што може да се реши за неколку месеци.
„Постојат системи што треба да се преиспитаат. Затоа е полесно да се дојде тука и да се види како криминалните дела се процесираат, без разлика дали се финансиски, или примери на корупција. Ние сакаме да бидеме партнери со земјава на начин на кој на граѓаните ќе им стане јасно дека овој систем постои за нив. За тоа ќе треба време, тоа не е нешто што еден компјутерски систем веднаш ќе го реши. Но, ова прашање е приоритет. Јас, за време на мојот амбасадорски мандат имам една цел – тоа е да се осигурам дека јас и мојот тим ќе направат се што можеме да ја зголемиме довербата на граѓаните на Северна Македонија во судството. Ако има начини тоа да го направиме, јас ќе сторам се што е во моја моќ тоа да се случи“,
рече американската амбасадорка.