Една од раните му била на левото стапало, а другата во десната потколеница
На третиот ранет во вечерашното пукање во угостителски објект во Старата скопска чаршија му е укажана лекарска помош и е пуштен на домашно лекување.
Тој бил примен во Универзитетската клиника за хируршки болести „Свети Наум Охридски“ (старата Градска болница) со две прострелни рани.
„Вечерва околу 20:15 часот со приватно возило е донесено лице на преглед во нашата клиника. Констатирана е прострелна рана во предел на левото стапало и поголема рана во предел на десната потколеница. Раните се обработени, направени се потребните снимања, преврзани се и е поставена имобилизиција, по што лицето е пуштено на домашно лекување, односно не е задржано“,
изјавија болницата за државната новинска агенција МИА.
Како што посочија, досега е донесено само едно лице во оваа клиника.
Ранетиот, според информациите кои претходно ги соопшти МВР, е со иницијали А.Т.
Во пукањето, пак, две лица беа убиени. Станува збор за Јетон Кривањева и Енес Исеини.
Од официјалните информации кои досега се познати, напаѓачите биле неколку маскирани лица кои влегле во угостителскиот објект и со огнено оружје пукале кон жртвите.
Обвинителството соопшти дека фиксирани се траги на лице место и дежурниот јавен обвинител ги издава сите потребни наредби и насоки за да обезбеди докази кои ќе помогнат за расчистување на настанот.
Идентитетот на напаѓачите засега не е познат. Според неофицијални информации, тие избегале со автомобил „ауди 6“. Во медиумите веќе излегоа информации дека возилото било пронајдено запалено, меѓутоа се појавија различни информации за местото каде било пронајдено. Како локации каде било пронајдено запаленото „ауди“, различни медиуми ги посочија Шуто Оризари, Визбегово, како и скопската обиколница.
Засега од МВР нема информации поврзани со напаѓачите.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ:
МВР за двојното убиство во Стара чаршија: Пукано е кон три лица, двајца починале на лице место
(ФОТОГАЛЕРИЈА) По двојното убиство, врие од полиција кај Старата скопска чаршија
Детали за двојното убиство: Напаѓачите влегле маскирани, фиксирани се траги на лице место