Во соопштението испратено од владината прес-служба не се наведени повеќе детали околу мерките. Единствено се спомнува дека МВР има обезбедено постојани полициски патроли за обезбедување на училиштата и оти мерките за јакнење на безбедноста на училиштата и наставниот процес прво ќе им бидат детално образложени на директорите на училиштата во следните неколку денови, а потоа ќе бидат известени и родителите и јавноста

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и директорот на Бирото за јавна безбедност Сашо Тасевски денеска му го презентираа на премиерот новото упатство за постапките и мерките што ги презема МВР по добиена информација односно сознание или дојава за терористички загрозувања, како и планот за мерки и активности за спроведување.
Во соопштението испратено од владината прес-служба не се наведени повеќе детали околу мерките. Единствено се спомнува дека МВР има обезбедено постојани полициски патроли за обезбедување на училиштата.
„Комплементарно на упатството кое МВР го има разработено, се работи и на упатство со мерки од страна на МОН до сите директори на сите училишта на територијата на Република Северна Македонија, кои ќе имаат обврска да го применат со цел јакнење на безбедноста на учениците и наставниот кадар и непречено одвивање на наставниот процес. Мерките за јакнење на безбедноста на училиштата и наставниот процес ќе бидат детално образложени на директорите на училиштата во следните неколку денови а навремено ќе бидат известени и родителите како и јавноста“,
се додава во соопштението.
Оттаму додаваат дека мерките и активностите кои МОН веќе ги презема за справување со хибридните закани се надополнуваат со безбедносно јакнење на училиштата со кои се гарантира сигурноста и безбедноста на учениците и наставниот кадар во самите училишта.
По министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, денеска и премиерот Димитар Ковачевски најави промени во начинот на постапување кога ќе има дојави за бомби. МВР и Министерството за образование и наука, вели тој, работат за да се спречи напуштање на училиштата, односно да може наставата да продолжи откако ќе се утврди дека има лажна дојава.
Министерот Спасовски синоќа рече дека донеле посебно упатство, односно посебен акт, кој е во согласност со условите кои се сега, затоа што досегашното упатство било застарено во делот на тероризмот.