„Јас често го земам примерот со Словенија, во Марибор, којшто користи вода, таа се топли во процесот на ладење на податочниот центар, потоа се искористува за затоплување на пластеници или за затоплување во домаќинствата, а изладената вода повторно се враќа во податочниот центар“, вели Стефан Андоновски за реакциите во јавноста дека изградба на дата-центри со голем капацитет може да ја загрози животната средина

Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски вели оти водата што би се користела за ладење во податочните центри е, всушност, техничка вода која се добива со копање во внатрешниот слој на земјата и дека тој нема информација дека се користи вода од реки и езера за потребите и функционалноста и ладењето на дата-центрите. Тој додава дека е лага дека веќе дале дозвола или потпишале договор за изградба на податочен центар од 100 мегавати кој би користел вода од реката Вардар.
Дополнително, вели оти кога станува збор за заштитата на животната средина, центрите за податоци до 50 мегавати можат да добијат дозвола за градба од општините додека за оние над 50 мегавати, каде што е поголема и потрошувачката на електрична енергија и каде има потреба за воспоставување систем за ладење кој би користел вода, се работи за вода која не се троши, туку се врти и враќа во системот.
„Имаме закони коишто го уредуваат давањето дозвола за градење и во врска со животна средина и јас кажав – нема да се донесе одлука за изградба на ваков податочен центар ако сме свесни дека тој би имал штета на животната средина. Јас често го земам примерот со Словенија, во Марибор, којшто користи вода, таа се топли во процесот на ладење на податочниот центар, потоа се искористува за затоплување на пластеници или за затоплување во домаќинствата, а изладената вода повторно се враќа во податочниот центар. Не се троши, немаме потрошувачка на вода и ништо такво нема да дозволиме да се случува ниту тука“,
рече тој.
