Премиерот денеска ќе има и средба со министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и министерот за образование Јетон Шаќири за да се разгледаат дополнителни мерки за справување со лажните дојави
По министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, денеска и премиерот Димитар Ковачевски најави промени во начинот на постапување кога ќе има дојави за бомби. МВР и Министерството за образование и наука, вели тој, работат за да се спречи напуштање на училиштата, односно да може наставата да продолжи откако ќе се утврди дека има лажна дојава.
Тој денеска ќе има и средба со министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и министерот за образование Јетон Шаќири за да се разгледаат дополнителни мерки за справување со лажните дојави.
„Согласно процедурите, прописите и протоколите за борба против тероризам, бидејќи се работи за дојави за бомби, тие мора да спроведуваат процедури пропишани согласно закон, како и во сите други држави. За да се спречи напуштање на училиштата, МВР и МОН секојдневно работат со цел да се изнајде начин како да се спроведат процедури кои ќе обезбедат сигурност дека се работи за лажна дојава на бомба, а децата да можат да посетуваат настава. И јас сум родител и се соочувам со истите проблеми во однос на школувањето на децата. Не е нешто за што не знам што се случува, меѓутоа мора да верувате дека и МВР и МОН работат на решавање на овој проблем“,
изјави денеска Ковачевски.
Премиерот повтори дека ова се хибридни напади кои се дел од војната што се води во Украина и порача дека оваа сајбер војна нема да ја загубиме.
„Ние како систем не сме ја загубиле оваа сајбер војна и нема да ја загубиме. Оваа сајбер војна и овие хибридни напади се дел од војната што се води во Украина и тоа веќе на сите ни е јасно, бидејќи не се случува само кај нас, туку и кај голем број држави-членки на НАТО. Министерот за внатрешни работи вчера сподели одредени информации за менување одредени протоколи што ги спроведува МВР. Денеска ќе имаме состанок со раководствата на министерствата за внатрешни работи и за образование, на кој ќе разговараме во однос на носење дополнителни мерки и за целосно неутрализирање на овој проблем со кој се соочува Северна Македонија, но и други држави, со цел да овозможиме редовна и непречена настава за учениците“,
изјави Ковачевски.
Фото: МИА