Пред околу десетина дена опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвини дека семејството на Артан Груби трупа милионски бизниси и имот преку неговиот брат, кој директно или индиректно е поврзан со повеќе бизниси, како што е и тој за баждарење инструменти за точење нафтени деривати и гас
Од пред десетина дена Антикорупциската комисија отворила предмет за првиот вицепремиер во Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби.
Ваквиот потег на ДКСК следува откако опозициската ВМРО-ДПМНЕ во неколку наврати во јавноста излезе со низа обвинувања оти Груби и членови на неговото семејство се богателе на грбот на државата.
„Имаме отворен предмет по пријава, се постапува по предметот. Кога ќе имаме конкретни информации, ќе излеземе во јавноста“,
посочија од ДКСК на денешната редовна седница.

По редовната седница на Антикорупциската комисија, во одговор на новинарска забелешка оти Владата не постапува по препораките од антикорупционерите, членовите на ДКСК велат дека Владата треба да се замисли и да води сметка за препораките што ги добива од нив.
„Од Владата често велат дека не се истражен орган, но имаат Етички кодекс по кој треба да постапуваат. Препораките што ги даваме до Владата, посебно до вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, се дека според Етичкиот кодекс тие можат да дејствуваат. Има слабости и злоупотреби, но ние немаме механизми за натамошно дејствување“,
велат од ДКСК.
Оттаму додаваат оти властите може и да не одговорат на препораките што им ги упатува ДКСК, но, како што велат, сето тоа ќе влезе во извештаите на Европската комисија, особено во овој период кога се одвива скринингот.
Пред околу десетина дена опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвини дека семејството на Артан Груби трупа милионски бизниси и имот преку неговиот брат, кој директно или индиректно е поврзан со повеќе бизниси, како што е и тој за баждарење инструменти за точење нафтени деривати и гас.
За братот на првиот вицепремиер, Ветон Груби, ВМРО-ДПМНЕ обвини оти поседува голем деловен простор на улица „Македонија“ во вредност од половина милион евра. Објектот со површина од 127 квадратни метри, според опозициската партија, е купен во време кога Груби е вицепремиер во Владата.
Откако опозициската партија ги обвини првиот вицепремиер и неговото семејство за низа злоупотреби, матичната партија на Груби ја обвини ВМРО-ДПМНЕ оти е антиалбанска партија.
На ваквата реакција возвратија од ВМРО-ДПМНЕ од каде што посочија дека нема ништо антиалбанско во обелоденувањето на криминалот на Груби и дека неговите нервозни реакции покажуваат само дека тој е фатен на дело, „обвиткан со криминал и рекет“.