Од семејството на починатата за ТВ Телма изјавија дека жената, со приоритетен упат од матичен лекар, ја однеле во болницата во Охрид од каде преку прозорец им рекле да си ја носат дома и да ја донесат само ако е позитивна на тестирањето за коронавирус
Втор интригантен аспект во случајот е фактот што го соопшти Министерството за здравство – дека жената закажала тестирање на 24 март, а материјалот и бил земен дури два дена подоцна
Основното јавно обвинителство Охрид отворило предмет по допрен глас за случајот со 66-годишната жена од Струга, која е четврта жртва на коронавирусот во земјава. Информацијата за постапувањето на ОЈО Охрид за „360 степени“ ја потврдија од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.

Одлуката на ОЈО Охрид доаѓа откако Али Теља, зет на починатата жена од Струга, во изјава за ТВ Телма рече дека иако таа не можела да дише и се мачела два дена, во охридската болница преку прозорец им рекле да ја носат дома и да дојдат само кога ќе има позитивен тест на коронавирусот.
Немљуне Ибраими (66) е четвртата жртва на коронавирусот во земјава која почина чекајќи ги резултатите од тестот. Таа во четвртокот била однесена во болницата во Охрид со приоритетен упат од нејзиниот матичен лекар. Но, според нејзиниот зет, таму им рекле дека ќе ја примат само кога ќе видат резултати од позитивен тест.
„Сакавме со итна помош да ја носиме за Скопје, ама рекоа не можеме од Охрид, ќе пробаме од Струга. После рекоа ќе дојдеме сабајле во 7:30 и дојдоа во 10 часот, а таа веќе почина“,
раскажува Теља.
Тие, пак, резултатите не ги добиле, туку денеска усно им било соопштено дека починатата и нејзиниот сопруг се позитивни на тестот, додека зетот и ќерката негативни.
Од денеска семејството повторно ќе биде во самоизолација, иако биле две недели откако беше утврдено дека имале контакт со заразено лице.
Тие биле на гости во Дебар кај д-р Илбер Кокале, за кој подоцна се утврди дека е заразен со вирусот заедно со неговите колеги од педијатрија.
Директорката на болницата во Охрид, Славица Малевска, за Телма вели дека не е запознаена со случајот, но ќе разговара со докторите од Инфективната клиника со цел да се утврди дали навистина жената која требало да биде хоспитализирана не била примена во болницата.
Од министерството за здравство соопштија дека за овој случај ќе направат целосна ревизија со цел да се утврди дали има лекарски пропуст. Жената на 24 март закажала тест преку матичниот лекар, а материјал и бил земен на 26 март.