Министерот, кој денеска беше во посета на реновираната кујна на Единицата за брзо распоредување (ЕБР), испрати две пораки – дека никој не може да го негира правото на самоопределување на кој било граѓанин кој живее или доаѓа во С Македонија, но и дека никој нема право и оти нема да дозволиме друг да ни го негира нашето право на самоопределување на Македонци и македонски народ
За министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски се чиста глупост тврдењата што секретарот на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“, Христијан Пендиков, ги изнесе неодамна во гостување на бугарската телевизија БТВ каде што, меѓу другото, рече дека во С Македонија Бугарите можат да бидат пцуени, тепани и да биде пукано во нив, а полицијата нема да преземе ништо.

Одговарајќи на новинарско прашање како ги коментира ваквите наводи на Пендиков, министерот за внатрешни работи вели:
„Како чиста глупост. Во Македонија се почитуваат правата на секој еден граѓанин, на секој еден човек којшто се наоѓа на територијата на државата. Не ние, меѓународните институции ја оценија Република Северна Македонија како една од најбезбедните држави во регионот. Тоа е сè поради податоците, информациите, анализите кои се прават за состојбите внатре во државата и мислам дека за секој еден граѓанин – дали е Македонец, Албанец, Турчин, Србин, Бошњак, Влав, Ром, не знам, Бугарин, Црногорец, кој било – државата е тука и ќе се најде секогаш во заштита на овие граѓани“.
Во врска со мотивите за нападот на Пендиков, министерот за внатрешни работи вели дека тоа е во надлежност на Јавното обвинителство и смета дека е добро што во тој дел случајот е расчистен.
„Инаку, знаете, не можете 30 години да живеете во државата во која никој еден збор не ви префрлил и не ви кажал и сега одеднаш тоа да не го цените и да ја прикажуваме државата како држава којашто не ни ги почитува правата, тоа не е реално, не е факт“,
дециден е Спасовски.
Министерот, кој денеска беше во посета на реновираната кујна на Единицата за брзо распоредување (ЕБР), испрати две пораки – дека никој не може да го негира правото на самоопределување на кој било граѓанин кој живее или доаѓа во С Македонија, но и дека никој нема право и оти нема да дозволиме друг да ни го негира нашето право на самоопределување на Македонци и македонски народ.
Говорејќи во овој контекст, тој упати и уште една порака – дека насилство не смее да има во никој случај и за ниту една причина.
„Правото на самоопределување е најсилното право и тоа никој не може да го негира и ние го почитуваме тоа право. Кој сака нека е во државата, нека се изјасни на начин на кој сака да се изјасни. Меѓутоа, од друга страна, сакам да упатам јасна порака дека никој нема право и нема да дозволиме друг да ни го негира нашето право на самоопределување затоа што ние сме тие кои се чувствуваме како Македонци, како македонски народ, како граѓани на оваа држава, Република Северна Македонија, и ние сме тие коишто сме конституенти на државата. Ние одлучуваме за нашата иднина, ние одлучуваме за тоа кои сме по идентитет, кои сме по јазик, а ќе го почитуваме правото на самоопределување на секој еден којшто живее на територијата на државата или којшто доаѓа во Република Северна Македонија затоа што ние сме и добар народ и гостопримлив народ, меѓутоа ниту јас ниту институцијата со која раководам нема да дозволиме некој да ни го руши тоа право на самоопределување и да ги наведува граѓаните на Република Северна Македонија“,
порача Спасовски.