Освен за министерот за здравство Беким Сали, независниот пратеник Реџепи упати критики и кон лидерот на Алтернатива, Африм Гаши, велејќи дека не може да се дозволи само за Министерството за здравство да „изгори“ цела Алтернатива
Пратеникот Скендер Реџепи Зејд, кој по напуштањето на Алтернатива во јуни минатата година дејствува како независен во парламентот, синоќа во дебатниот магазин „Клик плус“ на ТВ 21 изјави дека на собраниската седница за реконструкција на Владата ќе го поддржи единствено разрешувањето на актуелниот министер за здравство Беким Сали од Алтернатива.

Реџепи е дециден дека нема да го поддржи предложеното разрешување на другите двајца министри од оваа партија, а додаде дека нема да гласа „за“ ниту за предложеното разрешување на дел од актуелните заменици-министри во Владата.
„Јас ќе гласам за разрешувањето на министерот за здравство, без сомнение, бидејќи најголемото зло што им е направено на структурите на Алтернатива е недостигот на политичка волја. Другите министри никогаш нема да ги гласам за разрешување“,
вели Реџепи за ТВ 21.
Освен за министерот за здравство, Реџепи упати критики и кон лидерот на Алтернатива, Африм Гаши, велејќи дека не може да се дозволи само за Министерството за здравство да „изгори“ цела Алтернатива.
„Сите тие директори и министри политички да ги елиминираш затоа што некој твој близок од твојата група не успеал да постигне и да преживее на политичката сцена“,
додаде Реџепи.
„360 степени“ вчера објави дека тоа што заменик-министерот за култура Даим Лучи, избран на предлог на Алтернатива, не е на списокот на Ковачевски за разрешувања може да се смета како сигнал дека станува збор за кадар близок на Реџепи Зејд, а соодветно на тоа и дека независниот пратеник би гласал „за“ предложената реконструкција.
Вчера „360 степени“ се обиде да добие одговор од Реџепи дали ќе ја поддржи предложената реконструкција на Владата, но, и покрај нашите телефонски повици и пораки преку мобилните апликации, тој остана недостапен за изјава и коментар.
Реџепи Зејд беше актуелен во јавноста при обидот за гласање недоверба на Владата во ноември 2021 година инициран од ВМРО-ДПМНЕ по победата на локалните избори. Тогаш Алтернатива сè уште не беше дел од владиното мнозинство, што ќе се случи само три месеци подоцна. Реџепи Зејд тогаш излезе во јавноста со изјава дека се залага за уривање на власта, но не и по цена неговиот потпис да стои заедно со потписите на двајцата пратеници на Левица.